„Се надевам дека резултатот од оваа инвестиција ќе придонесе за отворање на граничниот премин ‘Маркова Нога‘. Немам точен датум кога би се отворил, но самата намера на властите на Република Северна Македонија и Грција и на Европската комисија која е вклучена во ова преку фондови да може овој граничен премин да проработи ќе придонесе за развој на меѓуграничниот регион“, рече евроамбасадорот
Сите чинители во Северна Македонија, Албанија и Грција, националните и локалните власти, граѓанското општество, бизнис-заедницата и меѓународната заедница треба заедно да работат за да изградат одржлива иднина за Преспа. Ова денеска го истакна евроамбасадорот Дејвид Гир на промоција на проектот „ЕУ фор Преспа“ во Ресен посочувајќи дека со подобро собирање и третирање на отпадните води, менаџирање на цврстиот отпад, како и со отворање на граничниот премин „Маркова Нога“ ќе се овозможи да се заштити природното и културното наследство на Преспа.

„Комбинација на ефекти од глобалното затоплување и човечката активност има драматичен удел врз нивото на водата на Преспанското Езеро, а со тоа и на опкружувањето што живее тука. Време е за акција да се обидеме да го свртиме овој тренд“,
рече тој.
Според него, успехот да се заживее Преспанскиот регион зависи од централната и локалната власт, вклучувајќи инвестиции и од државниот буџет. Вкупната вредноста на програмата е 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра се обезбедени од Европската Унија, кои, според Гир, ќе овозможат зазеленување на бизнисите на локалните земјоделци и туристичките провајдери и да ги креираат своите работни места.
„Се надевам дека резултатот од оваа инвестиција ќе придонесе за отворање на граничниот премин ‘Маркова Нога‘. Немам точен датум кога би се отворил, но самата намера на властите на Република Северна Македонија и Грција, и на Европската комисија која е вклучена во ова преку фондови да може овој граничен премин да проработи ќе придонесе за развој на меѓуграничниот регион“,
рече Гир.
Проектот е финансиран од Европската Унија и од УНДП, а на денешната промоција во Ресен покрај евроамбасадорот Гир, присуствуваа и претставник од УНДП, Армен Григориан, градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити и министерот за земјоделство Цветан Трупуновски.
Преспанското Езеро, како што нагласи претставникот на УНДП, Армен Григориан, е дом на над
2 000 различни видови кои се под закана поради сите негативни влијанија, затоа се потребни
големи напори да се заштити езерото.
За министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, реализацијата на активностите од проектот, кој забележа дека е колку четири годишни буџети на Општина Ресен, ќе придонесат за подобрување на туризмот и земјоделството во Преспа, кои, како што нагласи, се двата главни столба.
„Се надевам дека ќе го запреме бегањето на младите и ќе работиме исцрпно да ја интегрираме Македонија во Европа, а не граѓаните во Европа“,
рече тој.
Преспанскиот регион веќе е корисник на програмата „ЕУ4Преспа“ преку четири грантови доделени на локални граѓански организации и два договори за придонес потпишани со УНДП. Дополнително, 7,7 милиони евра финансиски средства од ЕУ во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Северна Македонија се на располагање за повторно отворање на граничниот премин „Маркова Нога“.