На средбата, како што пренесува собраниската прес-служба, евроамбасадорот Гир изразил очекување дека новиот парламентарен состав ќе работи посветено во остварување на стратегиската цел на земјата за полноправно членство во ЕУ
Собранискиот спикер Африм Гаши денеска ја оствари првата средба со евроамбасадорот Дејвид Гир и со претставници на Делегацијата на ЕУ по преземањето на функцијата.

На средбата, како што пренесува собраниската прес-служба, Гир изразил очекување дека новиот парламентарен состав ќе работи посветено во остварување на стратегиската цел на земјата за полноправно членство во ЕУ.
Гаши, пак, се заблагодарил за континуираната поддршка на европските институции за процесот на проширување на земјава и дополнително изразил задоволство што новата методологија на Унијата за проширувањето предвидува засилена улога на парламентите во преговорите. Во оваа насока изразил уверување дека новиот парламентарен состав ќе се вложи целосно во овој процес.
Соговорниците разговарале и за процедурите за донесување на законите во Собранието, за зајакнувањето на надзорната функција на парламентот во однос на извршната власт, како и за понатамошното усогласување со законодавството на Европската Унија.
Размениле мислења и за изборот на новата влада во земјава, но и за претстојните избори за Европскиот парламент.