Кинескиот претседател денеска во Пекинг го прими советникот за национална безбедност на Белата куќа, кој од вторникот е во посета на Кина. Тој е првиот советник за национална безбедност што ја посетил земјата од 2016 година
Кина и САД треба да станат извор на безбедност за светскиот мир и двигател на заеднички развој, изјави кинескиот претседател Си Ѓинпинг на состанокот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, пренесоа државните медиуми.
„Посветеноста на Кина за стабилен, здрав и одржлив развој на кинеско-американските односи останува непроменета“,
рече Си, пренесе државната телевизија ЦЦТВ.
Кинескиот претседател денеска во Пекинг го прими советникот за национална безбедност на Белата куќа, кој од вторникот е во посета на Кина. Тој е првиот советник за национална безбедност што ја посетил земјата од 2016 година.
Тие осум години се период во кој односите меѓу Вашингтон и Пекинг беа затегнати поради трговски и безбедносни прашања. Според агенцијата Франс прес, Си му рекол на Саливан дека посветеноста на Кина за „здрави“ односи со Вашингтон „останала непроменета“.
Саливан претходно се сретна и со кинескиот генерал и потпретседател на Централната воена комисија Џанг Јоуши, како и со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
Како што пишува агенцијата ДПА, средбата со генералот Џанг би можела да биде знак за приближување меѓу Кина и САД. Џанг рече дека средбата ја покажала високата почит на Саливан за односите меѓу американските и кинеските војски, според извештајот на кинеската телевизија Феникс.
Како советник на Бајден, Саливан игра клучна улога во формулирањето на американските безбедносни стратегии и во координацијата на политиката за Кина, додаде Џанг.
Централната воена комисија е највисокото воено тело за донесување одлуки во Кина и со него претседава претседателот на Кина.
„Двете страни ја потврдија важноста на редовната комуникација меѓу војските како дел од напорите за одржување на дипломатијата на високо ниво и отворените линии на комуникација, според насоките од претседателот Бајден и претседателот Си на самитот Вудсајд во ноември 2023 година“,
соопшти Белата куќа.