Средношколците од гимназијата „28 Ноември“ во Дебар од понеделник ќе се вратат во училиште, е одлуката што ја соопшти директорот Рамадан Имери, а која е спротивна на ставовите и на градоначалникот Хекуран Дука и на одлуката на државните институции.
Одлуката на Владата за начинот на одржување на наставата во новата учебна година, вели Дука за МИА, мора да се почитува, а тоа значи дека наставата и во гимназијата треба да биде онлајн.
Тој додава дека донесената одлука од страна на Владата, по препорака на соодветните структури, не значи дека таа не може да се смени, а сето тоа, секако, ќе зависи од текот на епидемиолошката состојба со ковид-19.
Меѓутоа, директорот на училиштето, Рамадан Имери, пак, рече дека по барање на Советот на родители и потписите на учениците донесена е „храбра и мудра одлука“ со која од понеделник, 5 октомври, во гимназијата почнуваат со настава со физичко присуство во две смени, со запазување на сите протоколи. Тој вели дека ги исполнуваат условите, а имале и позитивно мислење од Државниот инспекторат за образование, но на крај добиле одлука дека треба да почнат со настава онлајн.
Ваквата „храбра одлука“ тој ја соопшти на протестот на средношколците кој го организираа денеска откако вчера го бојкотираа првиот училиштен ден. Нивниот став е дека тие треба да имаат настава со физичко присуство бидејќи нивното училиште располага со доволен простор, а преземени се и сите потребни мерки предвидени со протоколите за заштита од ковид-19.