Податоците што „360 степени“ ги доби од МВР покажуваат дека оваа година за повеќе од двојно е зголемен бројот на напади врз здравствените работници во споредба со лани
Најголем број од нападите се санкционирани со прекршочни пријави, а само мал дел со кривични
..Лекар во Клиничката болница во Тетово пријавил дека бил нападнат од 32годишен пациент по што интервенирала полицијата, по што напаѓачот бил хоспитализиран во скопска здравствена институција…
… 47-годишен лекар од тетовската Клиничка болница во СВР Тетово пријавил дека на Психијатриското одделение физички бил нападнат од 32-годишниот пациент К.И. од тетовско Боговиње, по што бил смирен и испратен за хоспитализација во скопска болничка установа…
…Во Куманово лекар од Итната медицинска помош пријавил во полиција дека бил мета на физички напад при извршување на неговата работа…
…На Кожното одделение во клиничката болница во Тетово утринава околу 9 часот бил нападнат лекар…
…Полицијата интервенираше во „8 Септември“ поради инцидент на одделот за интензивна нега, предизвикан од роднина на починато лице од коронавирус…
…Ќерка на починат пациент успеала да се пробие до одделението за интензивна нега, била многу агресивна и се заканувала на медицинските работници, па тие повикале обезбедување, а обезбедувањето полиција. Таа снимала со телефон, кој полиција ѝ го одзела…
Ова се само дел од вестите кои се објавени во медиумите за напади врз здравствени работници годинава. Според датумите, ги има речиси секој месец, во некои од случаите се работи за физички напади без последици, но има и такви каде лекарите завршуваат со сериозни повреди.
Од јануари до септември пријавени се 38 напади врз здравствени работници и персонал. Од нив најмногу се во Скопје, Куманово и Струмица.
Ова го покажуваат податоците од МВР каде се пријавени нападите и за кои се покренати прекршочни или кривични пријави.
Во просек, тоа би било околу 4 напади месечно што воопшто не е мала бројка. Но, ситуацијата е загрижувачка ако се направи споредба со минатата година кога бројот на вакви напади бил двојно помал – 15 за истиот перидот од девет месеци.
Според статистиката која „360 степени“ ја доби од МВР, најмногу од ваквите напади се санкционирани со прекршочни пријави – 33 додека само во пет случаи се бара кривична одговорност од сторителите.
Најнебезбедни, според овие бројки, се вработените во медицинските установи во Скопје и Куманово, каде се регистрани по 10 настани и за сите нив се поднесни само прекршочни пријави. Потоа следува Струмица со 8 пријави кои исто така се санкционрани прекршочно, Тетово со пет напади, од кои за три се подонесени кривични пријави, Битола со три од кои за два се бара кривична одговорност и во еден случај се гони прекрочно, и по еден напад во Велес и Штип.
Прекршочните пријави се за нарушен јавен ред и мир, додека кривичното дело за кое се гонат 4 сторители се за „загрозување на сигурноста“ и „напад на службено лице при вршење работи од безбедноста“ и една кривична пријава е за „насилство“.
Ковид-пандемијата и порастот на насилството
Најсвежи, сепак, се неколку настани на агресија во болниците и врз медицинскиот персонал кои се поврзани со случаи на заболени со ковид.
Најмногу од нив се регистрирани во Градската болница „8 Септември“ која фунционираше како ковид-центар.
На 30 јуни шест лица беа приведени поради напад врз лекарка, од роднина на лице починато од коронавирус.
Шестмина приведени по инцидентот во „8 Септември“, еден од нив е позитивен на ковид-19
Истиот ден имало инцидент и во одделот за интензивна нега, на спратот каде што лежат најтешко болните кои се на респираторни машини. Ќерка на починат пациент успеала да се пробие до тоа одделение, била многу агресивна и се заканувала на медицинските работници, па тие повикале обезбедување, а обезбедувањето полиција. Таа снимала со телефон, кој полиција ѝ го одзела.
Министерот за здравство Венко Филипче тогаш жестоко реагираше, посочувајќи дека ова е крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот и дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата.
Вечерва во Градската општа болница „8 Септември“, докторка беше нападната од семејство на пациентка која по неколку дена…
Posted by Венко Филипче on Tuesday, June 30, 2020
„Овие луѓе со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. Најостро го осудувам овој инцидент. Колегите кои се борат со преку 100 пациенти сместени во болницата заслужуваат само поддршка и разбирање, а не закани“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Сепак, два најдрастични случаи на насилство поврзани со пандемијта се регистриран во мај и во септември – кога освен што лекарите биле нападнати, телата на починатите буквално насила биле земе од болниците, и покрај строгите протоколи за постапување во случај кога се работи за смрт на заразени со коронавирус.
…Телото на 53-годишен скопјанец кој починал вчера, семејството го зело од болница и го погребало според сите верски и народни обичаи, без да се почитуваат протоколите за ковид-19. Отпосле дознале дека посмртниот тест за коронавирус излегол позитивен…
…Дваесетина жители од Турското маало во Струмица, насилно упаднале во Инфективното одделение на болницата од каде, прво го извлекле починатиот со кревет во дворот на болницата, потоа го дигнале од креветот и го префрлиле преку оградата, го ставиле во комбе и избегале…
Во двата случаи здравствените работници можеле само да посматраат што се случува, бидејќи роднините биле агресивни.
Протест на лекарите: Не не’ тепајте!
Нападот врз медицинската сестра во поликлиниката во Драчево, во гостиварската болница, насилното одземање на телото на починат пациент од “8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“ се само дел од инцидентите во 2019 година кои беа причина здравствените работници да излезат на протест, што го организираше Асоцијацијата на млади лекари специјализанти (АСМЛ) кој се случуваше во Клинички центар и во повеќе здравствени установи во државата, а беше поддржан од здруженијата на медицински сестри и стоматолози. Преку пораките „Не, не, не тепајте“, „Почитувани пациенти, ние не сме семоќни“, „Ние сме со вас“ – тие побараа полициско обезбедување во здравствените установи.
Тогаш излезе статистиката дека за 9 месеци, од јануари со септември 2019 година, биле регистрирани 15 напади, за разлика од претходните години кога имало во просек по пет.
Во септември лани, на средбата на министрите за здравство и за внатрешни работи Филипче и Спасовски беше договорено професионално обезбедување за најкритичните болници, како што се Ургентниот центар, Клиниките за кардиологија и Токсикологија и за старата градска болница „Свети Наум Охридски“, а екипи на МВР засилено да патролираат околу сите болници.
Кој ги обезбедува болниците
Тука се поставува прашањето: Кој се грижи за безбедноста во болниците? Од Министерството за здравство за „360 степени“ објаснуваат дека организацијата на целокупната работа на јавно-здравствените установи е во надлежност на самите установи, односно директорите на клиниките и болниците одлучуваат кој ќе се грижи за надворешното обезбедување.
Во Министерството за здравство не поседуваат евиденција ниту за нападите врз медицинските лица, односно не собираат и не обработуваат таков тип на податоци. Се обративме и до Лекарската комора од каде велат дека кај нив пристигнуваат само претставки од пациенти за односот на медицинскиот персонал, но не и за нападите врз здравствените работици.