Михаел Рот ќе оствари конференциска врска со Никола Димитров, при што се очекува да се разговара и за подготовката на заклучоците за процесот на проширување на ЕУ
Германскиот државен министер за Европа Михаел Рот утре ќе има „виртуелна работна посета“ на Северна Македонија и „средба“ со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Како што соопшти МНР, првично било планирано работната посета да се оствари на вообичаен начин, а во контекст на очекувањата и изгледите за добивање одлука за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Но, со оглед на глобалните состојби поврзани со пандемијата на ковид-19 предвидено e посетата да се реализира со воспоставување видео-конференциска врска, што, како што се посочува, претставува уште еден знак на силната германска поддршка и пријателство.
Покрај начините за справување со предизвиците наметнати од пандемијата, во фокус на разговорите се очекува да биде и размена на информации за последниот статус на дискусиите и подготовката на заклучоците за процесот на проширување на ЕУ. Тоа е во пресрет на Советот на ЕУ за општи работи, засега предвиден за 24 март.