Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој претходно изрази уверување дека Германија направила доволно за да избегне пад на БДП, ги минимизира стравувањата од продолжена рецесија
Германската економија влезе во рецесија, покажаа најновите официјални податоци, откако инфлацијата и каматните стапки ја намалија побарувачката во најголемата европска економија.
Сојузниот завод за статистика Дестатис покажа дека германскиот бруто-домашен производ (БДП) е намален за 0,3 отсто во првите три месеци од оваа година, на што, пак, му претходеше пад на БДП за 0,5 отсто во последниот квартал од претходната година.
Ова се случува откако Германија се соочи со покачување на цените на енергијата по руската инвазија на Украина, што ги оптовари домаќинствата, но и бизнисите.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој претходно изрази уверување дека Германија направила доволно за да избегне пад на БДП, ги минимизира стравувањата од продолжена рецесија.
„Шансите на германската економија се многу добри“,
рече тој на прес-конференција.
Иако растот на цените во последно време е забавен, априлската стапка на инфлација од 7,2 отсто сè уште е висока.
Последната рецесија што Германија ја доживеа дојде кога пандемијата со ковид-19 ја зафати Европа на почетокот на 2020 година принудувајќи ги властите да затворат големи делови од економијата.