Во Германија, во претходните 24 часа се регистрирани рекордни 7 830 новозаразени и 33 починати лица, објави Институтот „Роберт Кох“
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер е во карантин, откако еден член на неговото обезбедување бил позитивен на коронавирусот, потврди портпаролката на Штајнмаер.
Тој сега ги чека резултатите од тестот.
Германскиот претседател требаше да се појави на доделувањето на наградите на Саемот на книгата во Франкфурт, но неговото присуство е откажано.
Во Германија, во претходните 24 часа се регистрирани рекордни 7 830 новозаразени и 33 починати лица, објави Институтот „Роберт Кох“.
Поради тоа, канцеларката Ангела Меркел денеска упати денеска апел до граѓаните дека е неопходно да се направи се, за да се спречи неконтролираното ширење на коронавирусот.
„Се наоѓаме во многу сериозна фаза на пандемијата на Ковид-19. Секој ден се зголемува бројот на новозаразени. Пандемијата се шири повторно брзо и тоа побрзо отколку на почетокот, пред половина година. Доаѓаат тешки месеци. Како ќе изгледа зимата, каков ќе биде нашиот Божик, за тоа ќе се одлучува во следните денови и недели. За тоа одлучуваме сите со нашите делувања“,
нагласи таа во обраќањето до јавноста.
Таа побара од граѓаните да се откажат од секое патување кое не е неопходно, од прослави, како и, доколку е можно, да останат дома.
Од почетокот на пандемијата, во Германија има вкупно 348 557 случаи на ковид-19, од кои досега починале 9 767 лица.