Милиони луѓе во Германија, меѓу нив и многу иселеници од Балканот, треба да изберат – или да го задржат државјанството што веќе го имаат или да земат германско државјанство. Но, според најавите што доаѓаат од коалицијата „Семафор“, која преговара за формирање на новата германска влада, можно е да се дозволи двојно државјанство за сите, пишува „Дојче веле“.
„Младите луѓе над 18 години не можат да разберат дека сè уште имаме правила кои се остаток од минатото, кога станува збор за двојното државјанство“,
рече шефицата на германските Зелени, Аналена Бербок, за „Дојчландфанк“ во понеделникот.
Таа потврди дека социјалдемократите, зелените и либералите ќе се обидат да го отворат патот за модернизација на Германија во претстојните преговори за коалициска влада. Ова е нов знак дека следната влада би можела да овозможи двојно државјанство, за што и претходно се зборуваше.
Среде преговорите за таканаречената коалиција „Семафор“ (именувана по боите на трите партии), фокусот е на прашањата за даноците, покачувањето на минималната плата и борбата против климатските промени. Но, како што пишува „Вестдојче алгемајне цајтунг“, со таа коалиција ќе дојде и до неколку значајни промени во општеството.
„Младите луѓе ќе добијат право на глас на 16-годишна возраст, употребата на канабис би била делумно легализирана, а би се овозможило и добивање двојно државјанство“,
пишува весникот.
Во нацрт-документот, кој партиите го потпишаа во петокот, а сега треба да се продлабочи со преговори за коалиција, се наведува дека тие се за модерен концепт на државјанство. Дополнително: „Оние што се добро интегрирани во Германија и можат да се издржуваат себеси, треба побрзо да добијат правно обезбеден статус за престој“.
Засега е дозволено само за државјаните на ЕУ и Швајцарија
Во моментов во Германија е забрането двојно државјанство – освен за државјаните на друга земја членка на ЕУ или на Швајцарија. Во превод, можете да имате германски и хрватски пасош истовремено, но не можете да имате германски и српски.
За милиони мигранти и нивните деца тоа значи дека, кога ќе ги исполнат условите за добивање германско државјанство, тие мора да одлучат дали ќе станат државјани на новата татковина или ќе го задржат старото државјанство.
Двојното државјанство се добива и во посебни случаи, па, на пример, Мароканците го добиваат затоа што им се закануваат тешки последици во матичната земја доколку се откажат од државјанството. Исто така, децата родени во Германија можат да имаат привремено двојно државјанство, но кога ќе наполнат 18 години тие, исто така, мора да се одлучат за едно.
Германскиот пасош е меѓу најсилните во светот
Во моментов во Германија, по пет години престој и работа, може да се поднесе апликација за дозвола за постојан престој, додека барање за државјанство може да се поднесе по осум години. Потоа се полага лесен тест за знаење за германскиот правен систем, културата и историјата.
Германското државјанство им носи на своите (нови) граѓани право на глас на сите нивоа, практично, доживотна дозвола за престој, можност да се вработат како државни службеници, како и патувања без визи во 191 земја или територија. Ова го прави германскиот пасош трет најсилен во светот, по јапонскиот и сингапурскиот.