„Ја видовме бруталната сила со која рускиот претседател ги репресира сопствените граѓани кои излегуваат на улиците за да демонстрираат за слобода или пишуваат за тоа во весниците. Ќе предложиме нови санкции поради смртта на Алексеј Навални“, изјави германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок

Германија ќе предложи нов пакет санкции против Русија по смртта на Алексеј Навални – опозицискиот лидер и најжесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин. Најавата дојде додека во Брисел траеше средбата на вдовицата на Навални, Јулија Навални со министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ), пред кои таа имаше обраќање зад затворени врати.
„Ја видовме бруталната сила со која рускиот претседател ги репресира сопствените граѓани кои излегуваат на улиците за да демонстрираат за слобода или пишуваат за тоа во весниците. Ќе предложиме нови санкции поради смртта на Алексеј Навални“,
изјави денеска германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок.
Смртта на рускиот опозициски лидер во казнена колонија во Сибир, како што пишува „Гардијан“ фрли долга сенка на денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите во Брисел, при што главниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, предложи глобалниот режим на санкции за човекови права на ЕУ да се преименува во „режим на Навални“.
„Им предлагам на земјите-членки на ЕУ да го преименуваат нашиот глобален режим на санкции за човекови права во ‘режим на Навални’. Да го почитуваме неговиот спомен, неговото име да биде напишано во работата на ЕУ во одбрана на човековите права ширум светот“,
рече Борел.
I am proposing to EU Member States to rename our Global Human Rights Sanctions Regime the “Navalny Regime”.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) February 19, 2024
To honour his memory, for his name to be written on the work of the EU in the defence of human rights around the world. pic.twitter.com/yIGfpcDWBE
Неговата порака дојде по видео-објавата на вдовицата на Навални во која таа вели дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот покоен сопруг и ќе се бори за слободна Русија.
Шокот од смртта на Навални, според извештајот на „Гардијан“ за денешниот самит во Брисел, го обновил чувството на нервоза во врска со војната во Украина кај земјите членки на ЕУ кои делат граница со Русија, поради недостигот на итност на Европа во однос на воената поддршка.
Министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, жестоко им се обратил на колегите од другите земји-членки, барајќи од нив да ја третираат ситуацијата со нова енергија.
„Поминавме две години дискутирајќи, обидувајќи се да го откриеме начинот на кој можеме малку по малку да ѝ помогнеме на Украина. Но, за жал, бидејќи не формулиравме стратешка цел за она што се обидуваме да го постигнеме, не можеме да изјавиме дека сме во ова за победа“,
рекол тој.
Ландсбергис, како што пренесува британскиот весник, додал дека додека лидерите на ЕУ се распрваат за пари, Русија собрала огнена моќ со предност од шест спрема еден во однос на Украина. Тој ја повикал ЕУ да престане да се мачи околу воените фондови.
Германија, рекол тој, досега самата испорача помош од 17 милијарди евра додека ЕУ сè уште расправала за фонд од пет милијарди евра годишно.
„Европа треба да може или би можела да формира фонд од 5 милијарди евра кога знаете дека само Германија размислува да испрати 7 милијарди евра. Значи, за 27 земји во Европа, 5 милијарди евра треба да бидат работа на ден, работа на еден час“,
рече Ландсбергис.
Тој не бил единствениот балтички политичар, со вакви критики.
„Владимир Путин е убиц. Уби едно лице кое се бореше за слобода, за демократија и токму затоа мораме да продолжиме понатаму. Мораме да ѝ дадеме поддршка на Украина на воен и политички начини. Мораме да ѝ ги дадеме на Украина оние еден милион паричиња муниција што ЕУ всушност ја вети пред една година за овој март“,
рекол министерот за надворешни работи на Естонија при пристигнувањето на состанокот во Брисел.
Белгиската министерка за надворешни работи, Хаџа Лахбиб, ги повика лидерите на ЕУ да размислат за развој на европска армија, нешто што првпат го изнесе францускиот претседател Емануел Макрон во 2018 година.
„Ако Русија успее да се прошири, тоа е диктатура која ќе се прошири и ќе се приближи до Европската Унија. Од суштинско значење е и овде да бидеме обединети, заедно да развиеме одбранбен капацитет, да развиеме и армија, не само за одбрана на нашата територија, туку и за нашите вредности“,
рече Лахбиб.
Борел им рече на новинарите дека ЕУ ќе ги удвои напорите да ги запре средствата за воената машина на Кремљ. Министрите за надворешни работи го разгледуваат 13. пакет санкции, најголем од првиот по избувнувањето на војната пред две години.