Заклучно со петокот, 7,6 милиони граѓани (9,1%) во Германија ги примиле и двете дози од вакцината, претежно постари лица кои се во приоритетните групи за вакцинација
Откако вчера помина во Бундестагот, во Германија од денеска стапи на сила владината уредба со која вакцинираните и граѓаните кои прележале ковид-19 се ослободуваат од строгите рестрикции против коронавирусот.
Овие категории на граѓани се изземени од обврската за строго ограничување на личниот контакт, од забраната за движење во текот на ноќта, како и од обврската за приложување негативен тест.
Вакцинираните исто така ќе бидат ослободени од досега задолжителниот карантин по враќањето од странство. Исклучок се повратниците од регионите каде што има и други соеви на вирусот, како Индија, Бразил или Јужна Африка.
Како целосно вакцинирани се сметаат луѓето кои примиле две дози од вакцината и поминале две недели по приемот на втората доза.
Претходно, премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет, повика на единство во општеството и предупреди на можни поделби помеѓу вакцинираните и оние кои сè уште не добиле можност да се вакцинираат. Тој им порача на вакцинираните дека кон оние кои сè уште не се вакцинирани треба да се однесуваат „со почит и без триумфализам“.
Заклучно со петокот, 7,6 милиони граѓани (9,1%) во Германија ги примиле и двете дози од вакцината, претежно постари лица кои се во приоритетните групи за вакцинација.