Секој кој храбро се спротивставува на режимот на Путин и со тоа се става себеси во најголема опасност, може да поднесе барање за азил во Германија поради политички прогон, вели германската министерка за внатрешни работи
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер изјави дека нејзината земја е подготвена да прифати руски дезертери под одредени услови.
„По правило, дезертерите на кои им се заканува сериозна репресија добиваат меѓународна заштита во Германија“,
изјави Фесер за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Таа додаде дека секој кој храбро се спротивставува на режимот на Путин и со тоа се става себеси во најголема опасност, може да поднесе барање за азил во Германија поради политички прогон.
Фесер објаснува дека практиката на одлучување на Федералната канцеларија за миграција и бегалци веќе е соодветно приспособена и давањето азил е одлука од случај до случај, која вклучува безбедносна проверка.
„Сепак, добивањето политички азил не е автоматски процес. Станува збор за поединечни решенија кои се поврзани со безбедносни проверки“,
потсети денеска министерката за внатрешни работи.
Таа потсети дека Германија со месеци прима прогонети и заканувани критичари на рускиот режим.
„Во овој брз и небирократски процес, заедно со Сојузното Министерство за надворешни работи, веќе овозможивме да бидат примени 438 лица“,
рече Фесер.