Имено, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поднесе барање до Судскиот совет за поведување постапка за утврдување одговорност на судијката Јованка Спировска-Панева од Основниот граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција
До Судскиот совет има претставка во врска со случајот „Фероинвест против ИРЛ“ и таа ќе биде разгледана и ќе биде предмет на дискусија на седница, вели во интервју за МИА претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев.
Имено, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поднесе барање до Судскиот совет за поведување постапка за утврдување одговорност на судијката Јованка Спировска-Панева од Основниот граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција. ЗНМ барањето го поднело откако на 13 октомври се одржало рочиште за постапка поведена по поднесена тужба за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета од Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер во Владата на РСМ против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска за објавената сторија со наслов „Заговор против воздухот“ објавена на 16.05.2021 година.
Во пресудата за случајот, судијката Спировска-Панева, меѓу другото, вели и дека новинарите во ИРЛ не се новинари и оти може да се соочат со забрана за работа.
На прашањето на МИА, дали судот воопшто има ингеренции да одредува кој е новинар, а кој не, Георгиев не даде директен одговор, но рече дека е добро што станува збор за првостепена одлука, по која постои можност за жалба.
„Добро е што станува збор за првостепена пресуда. По оваа одлука, нормално, незадоволните ќе имаат право на жалба и ќе го искористат тоа право, каде што второстепениот суд ќе има своја одлука. Не навлегувам во делот на одлуката, бидејќи тоа е врз основа на докази кои што ги ценел судијата. Ниту можам да ги знам доказите, ниту можам да ценам такви докази. Судството е така поставено што на секоја одлука следува право на жалба на повисокиот суд, каде што повисокиот суд ќе ги анализира сите овие докази во прилог на предметот, односно жалбата, и ќе донесе одлука“,
посочува Георгиев.
Пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ беше објавена на 24 октомври, а на 10 ноември стасало писменото образложение во кое се користат низа проблематични квалификации, кои, како што алармираше ЗНМ, се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.
„Имено, судијата Панева во образложението од пресудата 8П5-33/23, го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум односно ИРЛ не е здружение за ‘новинарски известувања’. ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари ниту можат, заради известување на јавноста, да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се занимаваат со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“,
пренесе ЗНМ дел од пресудата.
ЗНМ бара одговорност од судијката за оваа постапка, а од Судскиот совет да поведе постапка за утврдување дисциплинска одговорност согласно доставените докази и посочените законски одредби против судијата Панева и да изрече дисциплинска мерка согласно член 78 од Законот за судови во Република Северна Македонија.