Резолуцијата, предложена од Јордан, исто така, ги осудува сите акти на насилство врз палестинските и израелските цивили, вклучително и сите „терористички и неселективни напади“. Сепак, резолуцијата е целосно симболична бидејќи не е правно обврзувачка
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) денеска со големо мнозинство усвои резолуција со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа.
Резолуцијата, предложена од Јордан, исто така, ги осудува сите акти на насилство врз палестинските и израелските цивили, вклучително и сите „терористички и неселективни напади“. Резолуцијата на ОН со која се повикува на непречена помош и заштита на цивилите доби 120 гласа „за“, 14 „против“ и 45 „воздржани“.

Освен хуманитарно примирје, со резолуцијата се бара и итно ослободување на сите цивили кои се држат како заложници. Се бара нивна безбедност, благосостојба и хуман третман во согласност со меѓународното право.
Сепак, резолуцијата на Генералното собрание на ОН е целосно симболична бидејќи не е правно обврзувачка.
Канада бараше кон резолуцијата да се додаде амандман кој ќе вклучи осуда на милитантната група Хамас. Мнозинството членови на Генералното собрание на ОН го поддржаа предлогот, но тој не го достигна потребното двотретинското мнозинство за да биде усвоен.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно во објава на социјалните мрежи уште еднаш повика на хуманитарен прекин на огнот на Блискиот Исток, ослободување на сите заложници и испорака на помош.
„Ова е моментот на вистината“,
напиша Гутереш на социјалната мрежа Х.
I repeat my call for a humanitarian ceasefire in the Middle East, the unconditional release of all hostages, and the delivery of life-saving supplies at the scale needed.
— António Guterres (@antonioguterres) October 27, 2023
Everyone must assume their responsibilities.
This is a moment of truth.
History will judge us all. pic.twitter.com/z562jVDKri
Израелските сили вечерва најавија зголемување на своите копнени операции. Во меѓувреме, Црвената полумесечина и други хуманитарни организации известија оти не можат да исконтактираат со своите тимови во Појасот Газа, што, пак, уследи откако палестинската телекомуникациска компанија објави дека во Појасот има целосен прекин на телекомуникациите и интернетот.