На чело на оваа тело, кое треба да работи непартиски и независно, се наоѓа Емили Марфи, која е назначена од Трамп
Потврдата е неопходна за да почне транзицијата на власта
Американскиот претседател Доналд Трамп е под притисок да соработува со тимот на новоизбраниот претседател Џозеф Бајден за да обезбеди непречен трансфер на власта кога новата американска администрација ќе стапи на должност во јануари следната година.
Генералниот директорат за општи работи (ГСА) е надлежен за официјална потврда дека Бајден е избран за претседател, што претставува почеток на транзицијата. Но администраторката на ова тело, која е назначена од Трамп, Емили Марфи, не го започна тој процес и не најави кога ќе го стори тоа.
Нејасната ситуација покренува прашања за тоа дали Трамп, кој јавно не ја призна победата на Бајден и тврди дека изборите биле украдени, ќе ги спречи демократите да формираат нова администрација.
Советодавниот одбор на непартискиот Центар за транзиција на власта ја повика администрацијата на Трамп веднаш да го започне постизборниот процес на транзиција и да му дозволи на тимот на Бајден целосно да ги искористи расположливите ресурси според законот за транзиција на претседателската функција.
Американските медиуми во саботата објавија дека според проектираните податоци, Бајден го победи својот противкандидат, актуелниот претседател Трамп, преминувајќи го прагот од 270 изборни (електорски) гласа кои се потребни за победа.
Бајден прогласи победа и доби честитки од целиот свет, додека Трамп одби да го признае поразот тврдејќи дека изборите се наместени.
Како што најави во говорот во Делавер во саботата вечерта, Бајден денеска треба да објави детали за посебен работен тим, кој ќе се занимава со ситуацијата со коронавирусот и треба направи планови за ставање под контрола на пандемијата, кои ќе почне да ги спроведува кога ќе стапи на функција на 20 јануари.
Бајден веќе ги назначи поранешниот американски санитарен инспектор д-р Вивек Марти и поранешниот комесар за Агенцијата за храна и лекови (ФДА), Дејвид Кеслер, за копретседавачи на тој тим. Бајден, исто така, започна со формирање тимови за ревизија на владините агенции во сегашната администрација.
Сепак, процесот не може да започне во целост сѐ додека Генералниот директорат за општи работи (ГСА) не го прогласи Бајден за победник на изборите. Според објаснувањето од ова тело, кое според описот треба да работи независно и непартиски, постојат правни нејаснотии околу победникот на изборите и поради тоа не можат да се предвидат нивните следни чекори, особено на краток рок.