Од кабинетот на претседателката на Судскиот совет излегуваат и со појаснување во врска со предлогот за уставен судија наведувајќи дека со оглед што првата кандидатката која била ставена на гласање го добила потребниот број гласови, затоа не се пристапило кон гласање за останатите две кандидатки

Брачната двојка Весна и Наце Толеви се вработени во Судскиот совет пред подолг период, односно пред изборот на Весна Дамева за претседателка на ова тело.
Со ваква реакција излегоа од кабинетот на Дамева откако на вчерашната седница Весна Толева беше избрана за генсек на Судскиот совет, институција во која е вработен и нејзиниот сопруг како возач на претседателката.
Толева и претходно беше на истата функција, но како вршителка на должност. На вчерашната седница таа беше кандидатка да остане на функцијата, а како нејзина противкандидатка беше државната секретарка во Судскиот совет, Јулијана Георгиевска.
Од членовите на Советот, Толева беше избрана о 12 гласа „за“ и еден „против“. Георгиевска, пак, доби шест „за“ и седум „против“.
За разлика од членовите, вработените во Судскиот совет, пак, ја преферирале Георгиевска за генерална секретарка. Имено, Дамева на вчерашната седница сподели резултати од спроведената внатрешна анкета меѓу вработените, на која Толева добила 11 гласа, а Георгиевска 14.
Сепак, дел од членовите на Судскиот совет пред гласањето реагираа дека генералниот секретар би требало да дојде како предлог од претседателката, со оглед дека таа најмногу работи со генсекот. По ова, Дамева рече дека нејзин предлог е Толева, имајќи предвид дека е задоволна од нејзината досегашна работа како в. д. генерална секретарка.
На вчерашната седница, Судскиот совет го утврди и својот предлог за уставен судија. Ја избра Елизабета Дуковска од Апелацискиот суд Скопје со 11 гласа „за“ и два „против“.
Покрај неа, како предлози беа изнесени и судијките Татјана Сусулеска од битолска Апелација и Антоанета Димовска од скопскиот граѓански суд.
Дуковска, како предлог прва беше ставена на гласање, а откако го доби потребниот број гласови, за останатите две кандидатки не се ни гласаше.
Ваквата состојба ја констатираат и во денешното соопштение од кабинетот на Дамева нагласувајќи дека за Дуковска да биде утврдена како предлог биле доволни и само осум гласа „за“.
„Предлогот, Советот го утврдува со најмалку осум гласови од членовите со право на глас, на начин и по постапка определени со Деловникот за работа на Советот. На гласање беше ставен првиот предлог за кандидат за избор на судија на Уставниот суд, Елизабета Дуковска, судија на Апелациониот суд Скопје. Со 11 гласа ’за‘ и 2 ’против‘, Судскиот совет констатираше дека е утврден предлог за кандидат на Уставен суд од редот на судиите. Со оглед на наведеното, не се пристапи кон гласање за останатите предложени кандидати“,
велат од кабинетот на Дамева.
Предлогот за Дуковска, Судскиот совет треба да го достави до Собранието кое треба да ја изгласа за таа да стапи на функцијата уставна судијка.