Познавачите на состојбите очекуваа официјална поддршка од африканските земји, а објавата на Германија дека ќе предложи Етиопиецот да биде реизбран за генерален директор на најмоќната светска здравствена организација се смета за изненадување
Германија го предложи за втор мандат актуелниот генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО), Етиопиецот Тедрос Аданом Гебрејесус, што го отвора патот за негов веројатен реизбор, објави германското Министерство за здравство, пренесува Бета.
„Германија го кандидира Тедрос за нов мандат“,
рече портпаролот на германското министерство.
Официјалната поддршка на една земја е неопходна за некој да биде кандидат.
Во 2017 година Тедрос Аданом Гебрејесус стана првиот Африканец на чело на оваа моќна агенција на ОН, која е во првите редови во борбата против пандемијата на ковида-19.
Неговата кандидатура е комплицирана бидејќи Етиопија ја повлече својата поддршка поради судири во неговиот роден регион Тиграј.
Кандидатите за раководната позиција на ова тело на ОН обично се именуваат од земјите од каде што потекнуваат, но тоа не е задолжително.
Познавачите на состојбите очекуваа официјална поддршка од африканските земји, а објавата на Германија се смета за изненадување.
Земјите членки на СЗО имаат рок до утре до 18 часот да ги предложат кандидатите за функцијата генерален директор, но имињата нема да бидат официјално објавени до почетокот на ноември.
Ако има повеќе од еден кандидат, процесот на селекција ќе започне во јануари 2022 година за да се утврди пократок список, најмногу до пет кандидати.
Земјите членки ќе гласаат за нов шеф на СЗО на тајно гласање за време на собранието на светската здравствена организација во мај 2022 година.