„Што се однесува до политичката волја, тоа е прашање за политичките актери повеќе, лидери на политички партии, на мнозинството или на две третини од пратениците кои треба да ги усвојат тие измени и за тоа не сум претпоставен да одговорам“, вели претседателот на Собранието
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека не може да даде конкретен одговор дали до крајот на декември ќе почне или не процедурата за уставни измени во контекст на отворањето на преговорите со ЕУ.
„И можеме и не можеме да кажеме. Ако нешто не зависи од нас, не можеме да тврдиме дека ќе има или не“,
вели Гаши во интервју за МИА.
Тој очекува, кога ќе има каков било напредок околу ова прашање, дека ќе биде известен и вели оти веднаш ќе ја започне процедурата.
Но, ова прашање, како што вели тој, има две компоненти – едната е процедуралната и втората е политичката волја.
Што се однесува до првата, Гаши вели дека Собранието заедно со службите и со Комисијата е подготвено во секое време кога ќе има предлог за уставни промени да ги стави на дневен ред и со тоа да почне процедурата и да заврши како што е предвидено со Уставот и со Деловникот.
„Вториот дел што се однесува до политичката волја, тоа е прашање за политичките актери повеќе, лидери на политички партии, на мнозинството или на две третини од пратениците кои треба да ги усвојат тие измени и за тоа не сум претпоставен да одговорам“,
вели Гаши.
Премиерот Христијан Мицкоски, за последниот предлог што го изнесе за уставни измени со одложено дејство, вели дека ќе почекаат прво во Бугарија да се формира новата влада, па потоа предлогот ќе го достават до македонското Собрание.
Тој вели дека без да се формира влада во соседна Бугарија би било наивно да се достави предлог за уставни измени со одложено дејство. Таков унилатерален потег, оцени премиерот, би значел целосно загрозување на евроинтеграциите на земјава кои, според него, се веќе загрозени од авантурите на претходната власт.
Мицкоски за евентуални натамошни барања на патот кон Европската Унија рече дека нема да биде направен ниту еден чекор без да има јасно видлив крај. Тој вели дека потегот ќе биде направен само тогаш кога јасно ќе се види крајот.
Шефот на Делегацијата на Унијата во земјава, Микалис Рокас, презентирајќи ги главните заклучоци и препораки во нејзиниот Извештај за напредокот на земјата во 2024 година на патот кон ЕУ вели дека за да се унапреди процесот на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ), Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени со цел да ги вклучи граѓаните што живеат во границите на државата и што се дел од други народи, како што се Бугарите, а што земјата се согласи дека ќе го направи.
Тој на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, прашан конкретно дали за ЕУ се прифатливи уставни измени со одложено дејство без промена на Преговарачката рамка и дали за ова прашање Брисел ќе го упати Скопје прво да постигне договор со Бугарија, евроамбасадорот рече оти не може да шпекулира со хипотези и во таа насока се повика на изјавата што претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ја даде за време на нејзината посета на Скопје .