Презентирајќи ги главните заклучоци и препораки од Извештајот на ЕК, покрај уставните измени, шефот на Делегацијата на ЕУ посочи дека земјава треба да продолжи да испорачува на полето на имплементацијата на реформите, особено оние поврзани со кластерот „Темели“ кој ги опфаќа судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал
За да се унапреди процесот на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ), Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени со цел да ги вклучи граѓаните што живеат во границите на државата и што се дел од други народи, како што се Бугарите, а што земјата се согласи дека ќе го направи.

Овој став на Европската комисија (ЕК), нотиран во нејзиниот Извештај за напредокот на земјата во 2024 година на патот кон ЕУ, денеска го повтори шефот на Делегацијата на Унијата во земјава, Микалис Рокас, презентирајќи ги главните заклучоци и препораки на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Сепак, тој не беше конкретен во одговорот на новинарско прашање во однос на предлогот на македонската Влада, уставните измени да бидат со одложено дејство, односно да стапат во сила кога земјите членки на Унијата, а со тоа и Бугарија, ќе го ратификува пристапниот договор на земјава за членство во ЕУ.
Имено, прашан конкретно дали за ЕУ се прифатливи уставни измени со одложено дејство без промена на Преговарачката рамка и дали за ова прашање Брисел ќе го упати Скопје прво да постигне договор со Бугарија, евроамбасадорот рече оти не може да шпекулира со хипотези и во таа насока се повика на изјавата што претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ја даде за време на нејзината посета на Скопје, минатата недела.
„Невозможно е да шпекулирам со хипотези, но она што е кристално јасно и што би сакал да го кажам е дека кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен беше тука, на истава оваа говорница таа кажа јасна порака и јас би сакал да ја цитирам: ‘Имаме јасна цел – кластерот ‘Темели’ да се отвори што е можно побрзо. Речиси сме стигнати дотаму. Знаеме дека се работи за уставните измени кои вашата земја се обиде да ги спроведе. Сега ни се потребни заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземат овој решителен чекор нанапред’. И потоа продолжи дека е уверена, исто како што кажа и премиерот (Христијан Мицкоски) дека можеме да ги надминеме пречките коишто сè уште постојат“,
изјави евроамбасадорот Рокас.
На новинарска забелешка дека во годинашниот извештај за разлика од претходно договорите со Грција и Бугарија се наведени уште на првата страница во вториот пасус од Извештајот на ЕК и дали тоа значи дека Брисел смета дека земјава недоволно добро ги исполнува договорите со соседите, евроамбасадорот појасни дека Извештајот има поинаква структура за да може полесно да се чита, додавајќи дека се подразбира оти добрососедските односи остануваат суштински елемент во процесот на проширување.
„Секако сите 120 препораки се споменати однапред, а тука е и овој дел. Не постои друга причина. Се работи само за тоа сите да се фокусираат на суштинските елементи каде ние ги даваме препораките за да може полесно да се чита и потоа сите да преминат на другите страници за да видат што всушност сме анализирале. Секако не треба да се каже дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат како суштински елемент во процесот на проширувањето“,
кажа Рокас одговарајќи на прашањето.
Претходно, презентирајќи ги главните заклучоци и препораки од Извештајот на ЕК, покрај уставните измени, шефот на Делегацијата на ЕУ посочи дека земјава треба да продолжи да испорачува на полето на имплементацијата на реформите, особено оние поврзани со кластерот „Темели“ кој ги опфаќа судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Во таа насока, евроамбасадорот кажа дека довербата во правосудниот систем треба да биде засилена, корупцијата да се решава преку добро процесирање на случаите во судовите и обвинителствата.
Довербата во правосудниот систем треба да биде засилена. Корупцијата треба да се решава преку добар след на случаите во судовите и во обвинителствата.
„Комисијата се стреми кон следење на скрининг-извештајот во однос на основите, како и патоказите коишто се усогласени со преговарачката рамка со цел да се отвори првиот кластер што е можно побрзо и кога ќе бидат исполнети релевенатните услови“,
рече Рокас.

Проценката на ЕК за оваа година е дека има извесен напредок во борбата против организираниот криминал и ограничен напредок во судството, каде што, како што додаде, се бележи подобрување во споредба со минатата година кога не беше забележан напредок.
Позитивни елементи, рече се забележани во земјоделството, руралниот развој, риболовот транспортните и регионалните политики, а во однос на внатрешниот пазар, кажа дека севкупната оценка останува комбинирана.
„И последната работа, но не помалку важна, мошне позитивен дел од Извештајот е тоа што земјата останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“,
рече евроамбасадорот Рокас.