„Мислам дека имаме две третини. Тој процес во Собрание, мислиме дека лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот моментум“, рече Гаши
Законодавниот дом е подготвен да ја почне процедурата за донесување на уставните измени, доколку има политички договор, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите.
„Мислам дека јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата“,
рече Гаши коментирајќи ја вчерашната изјава на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот и да го забрзаме процесот.
Гаши смета дека веќе го имаат обезбедено потребното двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени.
„Мислам дека имаме две третини. Тој процес во Собрание, мислиме дека лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот моментум“,
рече Гаши.
Веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија, новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во изјава за медиумите вчера го повтори својот став за С Македонија, дека од земјава очекува промена на Уставот за вклучување на Бугарите – ништо повеќе и ништо помалку. Тоа, како што рече Кос, е нешто на кое смета ЕК.
Прашана дали по усвојувањето на уставните измени би можело да се дадат гаранции дека земјава веќе нема да има блокади на патот кон ЕУ, Кос рече дека таа не е онаа што може да даде одговор на тоа прашање.
Во однос на тоа како може да се реши спорот со Бугарија, еврокомесарката вели дека треба да се разговара што е можно повеќе и со Скопје и со Софија.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, во однос на уставните измени, рече дека ги дефинирале црвени линиите од кои, „ниту ние, ниту кој било ќе се помести милиметар“.
„Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон Европската Унија. Ние кажавме што може да направиме и тоа е максимумот што може да го направиме. Тоа е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе што одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика“,
рече тој одговарајќи на новинарско прашање за коментар на изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, дека клучната улога за прифаќање на позицијата уставни измени со одложено дејство ја има Франција, како и дека ако успееме со неа да сработиме и со уште неколку земји од Западна Европа, нашите аргументи може лесно да бидат примени.