Со потпишаната декларација, како што се посочува во соопштението, се изразува подготвеноста на двете партии за соработка и координирање на политичките активности во насока на градење опозициски камп
Лидерите на движењето Беса и на партијата Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши, денеска во Собранието потпишаа политичката декларација за соработка, како прв чекор кон создавање опозициски фронт. Како што соопшти Беса, целта на оваа соработка е „барање начини за артикулирање на албанскиот опозициски глас во Северна Македонија“.
Со потпишаната декларација, како што се посочува во соопштението, се изразува подготвеноста на двете партии за соработка и координирање на политичките активности во насока на градење опозициски камп, кој „првично ќе ги артикулира и штити интегративните стратегиски интереси на земјата, како и етнички албански и воопшто граѓански интереси, додека понатаму ќе се насочи кон проширување на оваа соработка и на други нивоа на политичка интеракција“.
„Наоѓајќи се во важна пресвртница, кога процесот на интеграција е во застој, кога политичката корупција стана единствениот успех на оваа Влада, а правата на етничките Албанци повторно се ставаат во неповолна позиција, историскиот момент наметнува сите албански политички сили, но не само политички, да соработуваат за делегитимирање на оваа корумпирана, неспособна и штетна власт за интересите на државата и на Албанците“,
се наведува во соопштението.
Од Беса посочуваат дека со потпишувањето на заедничката изјава од страна на Касами и Гаши формално се официјализира договорот за соработка меѓу двете партии, при што се остава простор за приклучување и на други фактори кон овој блок.
И Беса и Алтернатива претходно беа во владејачката коалиција предводена од СДСМ. Беса ја напушти владината коалиција по локалните избори во 2016 година, а на нејзино место влезе Алтернатива на Гаши. Во февруари годинава премиерот Димитар Ковачевски реши да направи реконструкција на Владата случувајќи договор за коалиција со Алијанса за Албанците на Арбен Таравари. На ваквиот потег на Ковачевски, Гаши одговори со напуштање на Владата.