Инаку, САД не ставија вето на резолуцијата, како што очекуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но беа воздржани
Израел нема морално право да ја запре војната во Газа, додека не ги врати сите заложници во нивните домови. Ова го изјавил израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за време на неговата посета на САД, пред состаноците со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, откако беше усвоена резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот во Газа.

Инаку, САД не ставија вето на резолуцијата, како што очекуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но беа воздржани.
„Во мојот прв состанок со советникот за национална безбедност Џејк Саливан, јасно ќе ја објаснам важноста на падот на режимот на Хамас и враќањето на заложниците во нивните домови. Ќе дејствуваме против Хамас насекаде, дури и во области во кои сè уште не сме биле. Ќе создадеме алтернатива за Хамас за да можат израелските одбранбени сили да ја завршат својата мисија“,
рече министерот Галант.
Тој исто така додаде дека ако Израел не постигне јасна и апсолутна победа во Газа, тоа би можело да ја приближи војната на северот, очигледно алудирајќи на судирите со либанскиот Хезболах на северната граница на Израел.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, на Икс објави дека Израел ќе продолжи да се бори додека сите заложници не се дома.
„Нема да го запреме огнот. Ќе го уништиме Хамас и ќе продолжиме да се бориме додека последниот заложник не се врати дома“,
напиша Кац.