Во интервју за „360 Степени“, поранешната судијка во Уставниот суд, Наташа Габер-Дамјановска, зборуваше за предлогот на Владата до Уставниот суд да ја запре постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, кој ѝ овозможува на УБК директно да прислушува преку телекомуникациските оператори, со објаснување дека подготвува сеопфатно решение.
– Јас би можела да ја разберам добрата волја тоа прашање да се уреди, но Уставниот суд гледа одредби коишто се во правниот поредок, а не одредби коишто се во најава. Значи, сепак Уставниот суд може да работи само со она што има правно дејство во овој момент, а тоа е оваа одредба и ништо друго – вели Габер-Дамјановска.
Објаснувањето на Владата е дека ако се укине членот 175, УБК ќе остане без правна основа за следење на комуникациите и во тешки случаи на организиран криминал, тероризам, случаи во коишто е загрозена националната безбедност итн.
– Тоа е точно, имаат право во врска со тоа, мислам дека и затоа Уставниот суд малку споро ја движеше целата постапка, но сега е дојден веќе моментот во којшто, треба да дојде и до самото финализирање на предметот, значи до укинување. Ако тоа се случи, ќе има одредена правна празнина, и мислам дека треба да се охрабри Владата што побрзо да го уреди тоа прашање за да немаме проблеми. Ако има било какви дополнителни законски измени во тој член, па се додаде нешто, дека при вакви приклучувања би требало да има покритие-одлука на истражен судија, јавен обвинител итн, било каква додавка во конкретниот член можеби би можело да се премости, ама вака како што е, тоа е навистина многу истоветно со оној предмет од 2010 година и мислам дека сепак судот би требало малку достоинствено да си држи на своето – рече Габер-Дамјановска.
Напишете коментар