Во последните седум дена зачестија посетите на високи претставници на други помесни цркви на МПЦ-ОА и на нејзиниот поглавар г.г. Стефан, како и на високи дипломатски претставници во земјава, за што сведочи денешната посета на американската амбасадорка Агелер
Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан денеска во архиепископската резиденција ја примил американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, соопштија од МПЦ-ОА.
Архиепископот Стефан, како што се наведува, ја запознал амбасадорката со духовниот живот и актуелностите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во татковината и меѓу иселените Македонци по светот, посакувајќи ѝ успешна дипломатска мисија.
„Неговото Блаженство…изрази надеж дека за време на нејзиниот мандат дополнително ќе се продлабочат пријателските и културните врски помеѓу нашите народи и земји“, стои во кусото соопштение од МПЦ-ОА.
На средбата, која поминала во срдечна атмосфера, присуствувале и епископот хераклејски г. Климент и деканот на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски”, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски.
Во последните седум дена зачестија посетите на високи претставници на други помесни цркви на МПЦ-ОА и на нејзиниот поглавар г.г. Стефан, како и на високи дипломатски претставници во земјава, за што сведочи денешната посета на американската амбасадорка Агелер.
Завчера архиепископот бил домаќин на митрополитот Андреј од Критската архиепископија – Вселенска патријаршија, со кого, како што соопштија од Скопската епархија, разговарале за актуелности во сеправославната екумена, а особено за најновите настани поврзани со МПЦ-ОА.
Претходната недела во посета на Скопје и на средба со архиепископот Стефан беше рускиот митрополит Антониј, задолжен за меѓународните односи на Руската православна црква (РПЦ).