ФЗОМ категорично ги предупредува граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата fzom.net. Официјалната веб-страница на Фондот е исклучиво fzo.org.mk
Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги предупредува граѓаните за сериозна фишинг-измама која се одвива преку лажна веб-страница со адреса fzom.net. Оваа веб-страница се претставува како официјална страница на ФЗОМ (fzo.org.mk) и има за цел да украде лични и финансиски податоци на граѓаните.
Измамниците преку fzom.net се обидуваат да ги измамат граѓаните да ги внесат своите: лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса); податоци за здравствено осигурување; податоци за банкарски сметки и кредитни картички; кориснички имиња и лозинки.
ФЗОМ категорично ги предупредува граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата fzom.net. Официјалната веб-страница на Фондот е исклучиво fzo.org.mk.
„Проверете ја внимателно веб-адресата пред да внесете какви било лични податоци. Не кликајте на линкови од сомнителни е-пошти или пораки. Не споделувајте ги вашите кориснички имиња и лозинки со никого. Пријавете ги сите сомнителни активности на ФЗОМ или во најблиската полициска станица. Официјалната веб-страница на ФЗОМ никогаш нема да побара од вас внесување на банкарски податоци“,
укажуваат од Фондот за здравство.
ФЗОМ веќе презема мерки за да ја блокира оваа лажна веб-страница и да ги заштити граѓаните. Фондот соработува со надлежните органи за да ги идентификува и казни сторителите на оваа измама.