Од ВМРО-ДПМНЕ дадоа рок од 24 часа овие 123 функционери да го пријават имотот, а во спротивно ќе почнат да ги објавуваат точните податоци со имиња и презимиња

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја објави аферата „тајни имоти“ и обвини дека државни функционери од СДС и ДУИ, претседатели на комисии, директори и раководни луѓе на институции, вкупно 123 на број, кријат имот вреден 30 милиони евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дадоа рок од 24 часа овие 123 функционери да го пријават имотот, а во спротивно ќе почнат да ги објавуваат точните податоци со имиња и презимиња.
„Даваме рок од 24 часа институциите сами да ги објават овие имиња, во спротивно од утре ќе ги објавуваме поединечно заедно со имотот кој го кријат. Откако ќе ги објавиме ќе побараме и проверка на потеклото на имот, зошто тајниот имот е таен поради одредени причини, а најголемата е дека истиот би можел да е нелегално стекнат“,
рече Бране Петрушевски на денешната прес конференција.
Според него на списокот кој го поседуваат има куќи, станови, викендици, деловни простории кои се скриени од очите на јавноста.
„На овој список се државни функционери, претседатели на комисии, директори и раководни луѓе на институции. Поголемиот дел од нив директно поставени од владата и функционери во партијата на власт. Пет години власт на СДС, 123 именувани функционери на државни позиции кријат имот вреден 30 милиони евра. Ги поседуваме сите детали. Новата афера „тајни имоти“ е уште еден показател како власта функционира надвор од законите заштитувајќи ги прекршителите на истите кои во овој случај се избрани и именувани функционери, а чија обврска е да служат на граѓаните на Македонија. Со СДС на власт овие функционери очигледно служат само на нивната партија и на човекот кој ги именува преку седници на Влада. Овие имоти се тајни и истите не се евидентирани од Државаната комисија за спречување на корупција. Овие 123 функционери придонеле прво кон кршење и непочитување на законите и второ, но не помалку важно, кон криење на своите имоти“,
истакна Петрушевски.
Тој додаде дека не верува оти се работи за системски пропуст, туку за системско прикривање на станови, куќи, деловни простории, удели во фирми и депозити.
„Воедно Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси кои се формирани за спречување на ваквите дејства практично се соучесници во шемата која ја креира власта и се нивни заштитници. Сметаме дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти. Антикорупциската комисија е должна да води точна, прецизна и навремена евиденција за поднесување на анкетните листови од страна на функционерите кои имаат обврска во рок од 30 дена од нивното именување да поднесат анкетни листови. Треба да се постави и прашањето зошто антикорупциската постои ако точно 123 лица функционери го кријат својот имот. Законскиот рок од 30 дена е пробиен со месеци, а од власта на СДС молк и заштита на нивните партиски пиони“,
додаде Петрушевски.
Петрушевски упати прашања до владејачката партија зошто крие имот во енормно висока вредност.
„Зошто СДС дава групна насока на своите функционери да не го пријавуваат имотот со кој се стекнале незаконски? И дали овие функционери се дел од лицата за кои и самата претседателка на ДКСК Билјана Ивановска, во неколку наврати кажа дека знае за случаи во кои функционери имаат големи имоти, но тој не е на нивно име?“,
праша Петрушевски и додаде дека очигледно е дека се работи за свесно криење, а само имот стекнат на нечесен и криминален начин се крие.