Само едно е сигурно – Франција или Аргентина по трет пат ќе стане светски првак. За Француските ова ќе биде четврто финале, а за Аргентинците шесто
Фудбалските фанови ширум светот одбројуваат до финалето на Мундијалот во Катар закажано за 16 часот. Највозбудени се навивачите во Франција и Аргентина чии репрезентации попладнево ќе се соочат во Доха.
Едно е сигурни – Франција или Аргентина по трет пат ќе стане светски првак.
И Аргентинците и Французите играат за историја.
Франција го игра своето четврто финале на мундијалите и има за цел да стане само третата селекција што успеала да ја одбрани титулата. Тоа досега им успеало само на Италија и Бразил.
Селекторот Дидие Дешамп, кој беше капитен на Франција во 1998, исто така се бори да стане првиот селектор по Италијанецот Виторио Поцо, кој успеал да освои два последователни златни медали. Ѕвездата на францускиот фудбал, 23-годишниот Килијан Мбапе, пак, може да стане само вториот играч во историјата кој освоил две светски титули пред да наполни 24 години, по легендарниот Бразилец Пеле.
Аргентина, пак, по шести пат ќе заигра во мундијалско финале и своите надежи ги полага во Лионел Меси.
Тој се надева дека ќе ја круниса блескавата кариера со медал на, како што и самиот кажа, последниот натпревар во аргентинскиот дрес на светските првенства. Меси, покрај шансата се круниса со злато, ќе стане фудбалер со најмногу настапи на светските првенства во историјата (26).
Аргентинците на трофејот чека од 1986 година, кога Гаучосите предводени од Диего Марадона триумфираа на завршниот турнир во Мексико.