Гостивар е вториот тим кој годинава се повлече од натпреварувањето откако пред само една недела тоа го стори и фудбалскиот тим Воска спорт од Охрид

Преку соопштение напишано на англиски јазик, на официјалната страница на Фејсбук, фудбалскиот тим Гостивар објави дека се повлекува од играње во Првата македонска фудбалска лига. Во соопштението, меѓу другото, се вели дека клубот годинава доживеал најмногу казни и дисциплински мерки од страна на ФФМ и дека нема да биде првиот клуб што годинава се повлече од играње во најсилната лига во земјава.
Потегот на управата на фудбалскиот тим доаѓа откако Гостивар беше казнет со одземање девет поени, а сопственикот, тренерот и капитенот добија забрана за вршење спортска дејност во траење од две години поради тоа што пред две недели го напуштија теренот на мечот со фудбалскиот клуб Работнички, при водство на скопскиот клуб од 2:1. Тогаш, а и денес, гостиварци обвинуваа дека напуштањето на теренот било кулминација на многубројни нерегуларности со кои тимот се соочувал долго време.
Претходно, фудбалскиот клуб Воска спорт од Охрид соопшти дека нема да учествува во домашниот шампионат во рамките на Првата македонска фудбалска лига на пет кола до крајот на сезоната. Клубот на Нефи Усеини оваа одлука ја донесе еден ден откако Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрече казна за Воска за повлекувањето од теренот на дуелот против Вардар и му одзеде девет бода. Повлекувањето на Гостивар и Воска спорт значи дека годинава нема да има директно испаѓање од Првата лига.