Во однос на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд со која се бара Судот да донесе решение за ставање на времена мерка на овие законски измени, односно тие да не бидат во сила сè до одлучувањето за нивната уставност, Муцунски рече дека уставните судии треба да ја прифатат се со цел да ја спречат голготата низ која поминуваат граѓаните
Муцунски потенцираше дека различните изјави на претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи јасно покажува дека немаат комуникација и дека власта нема стратешка цел

Зборот срамно е преблаго изразување за тоа што им се случува на граѓаните при обидот да извадат нов личен документ, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.
„Излегува претседателот на државата и вели ова е срамно. Апсолутно се согласувам со него. Целосно е во право претседателот Пендаровски. Премиерот потоа вели дека очекува претседателот да се слушне со претседателката на Грција. Претседателот потоа го возвраќа ударот кон премиерот, заборавајќи дека тоа е една иста извршна власт која што треба да комуницира и да ги решава работите и рече дека тоа е обврска на премиерот да ја реши. Премиерот неколку пати јавно изјавува дека треба да се разгледа решение, за денес министерот за надворешни работи да каже дека проблемот е нерешлив“,
рече Муцунски во вечерашното интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Муцунски потенцираше дека различните изјави на претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи јасно покажува дека немаат комуникација и дека власта нема стратешка цел.
„Ова се луѓето кои што имаат обврска, законски и уставни надлежности да решаваат ваков тип на предизвици кога истите постојат во системот. Тоа што е очигледно е дека нема соодветна комуникација помеѓу претседател на држава, претседател на Влада и министер за надворешни работи. Десет дена од сите тројца слушаме различни изјави“,
додаде Муцунски.
Во однос на денешните информации од Министерството за внатрешни работи, дека личните карти со старото уставно име на земјава, чиј рок не е истечен, ќе бидат важечки и по 12 февруари годинава, Муцунски вели дека тоа е отворена неодговорност кон граѓаните.
„Се поставува прашањето колку во последните месеци МВР имало приход од граѓани коишто предвремено ги менувале тие документи и зошто дозволило да се создаде ваков хаос во системот. Има отворена неодговорност кон граѓаните. Огромен дел од возачките дозволи и личните карти се заменети, иако немало потреба да се направи тоа. Но, сега одлучија од МВР да ги информираат граѓаните дека немало потреба да се прави вакво нешто во овој момент, освен ако не се истечени. Голем дел од граѓаните, сепак, ги менуваа, бидејќи сметаа дека доаѓаат рокови во кои што сето тоа треба да се реализира“,
додаде Муцунски.
Според него, Владата доколку сакала, можела да најде начин да го реши проблемот.
„Прво, технички да се најде решение, бидејќи ова е истата влада, истите луѓе, голем дел од нив на истите позиции кога се носеле и уставните закони и овие законски измени кои ја создадоа оваа состојба. И знаеле каков логистички предизвик ќе биде сето тоа, односно кои се капацитетите во рамки на МВР за еден период од пет години за да се реализира сето тоа. Првиот показател е дека нема стратешко планирање во институциите и кога се доаѓа до цајтнот, граѓаните се виновни, не биле одговорни, не знаеле да постапат на време и се создава дополнителна криза. Ова е Влада која сама создава кризи“,
вели Муцунски.
Муцунски, говорејќи за промената на личните документи на граѓаните, додаде дека во моментот МВР нема направено набавка на обрасци укажувајќи дека граѓаните и покрај тоа што се сликале за нови патни исправи нема да може да им се издадат новите патни исправи.
„Проблемот е што во моментот МВР нема направено соодветна набавка и ние можеме да бидеме во ситуација во следните неколку месеци да имаме луѓе кои што биле сликани, но не може да им се издадат патни исправи дури да се најде решение на сето тоа. Секако прв приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ посебно во делот на управната функција на државата во рамки на МВР ќе биде да се најде итно решавање на овој пробелм“,
изјави Муцунски.
Во однос на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд со која се бара Судот да донесе решение за ставање на времена мерка на овие законски измени, односно тие да не бидат во сила сè до одлучувањето за нивната уставност, Муцунски рече дека уставните судии треба да ја прифатат се со цел да ја спречат голготата низ која поминуваат граѓаните.
„Уставните судии сега имаат една специфична предност да можат да решат голгота на илјадници граѓани, а истовремено да извршат една пошироко општествена правна функција, а тоа е да спречат непоправлива штета“,
рече Муцунски.
Муцунски, во интервјуто, рече дека сите анкети покажуваат максимално незадоволни на граѓаните од политичкото дејствување на власта, но и се поголемата потреба во македонското општество да се понуди надеж.
„За мене не може да биде про-ЕУ фронт, фронт кој што не може да обезбеди пасоши за своите граѓани, фронт во кој се случи скандалот ‘Онкологија’, фронт кој што не може да обезбеди пристојни пензии, фронт во кој што имате секојдневна криза во образовниот систем, Не е тоа Европа. Барем не е тоа Европа која јас ја познавам, може они познаваат некоја друга Европа, но јас таа која што јас ја знам е Европа која нуди решенија за граѓаните“,
вели Муцунски .
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека во однос на политичкото позиционирање на партијата за овие прашања, политичката мантра која што, како што рече, имаме обврска да ја наметнеме во следниот период, е дека не треба да чекаме СДСМ да ги загуби изборите.
„Ние имаме обрска да победиме на следните парламентарни изборите. И го гледаме тоа по анкетите каде што граѓаните се максимално незадоволни по однос на политичкото дејствување на власта, но и се поголемата потреба во македонското општество да се понуди надеж. Таа надеж е суштинско политичко решавање на овие предизвици“,
смета тој.
Имаме обврска, вели Муцунски, да бидеме кредибилна членка на НАТО, да бидеме кредибилен партнер во однос на надворешната политика и безбедносната политики. Но, имаме обврска да понудиме и европска иднина на нашите граѓани, додаде Муцунски.