Невладината организација во периодот јуни 2020-мај 2021 година бележи рекорден број апсења поради објави на интернет
Според „Фридом хаус“, бројот на земји каде што корисниците на интернет се уапсени и малтретирани за своите објави достигна рекорд во периодот од јуни 2020 и мај 2021 година, се констатира во најновиот извештај.
Според оваа американска невладина организација, дигиталните права опаѓаат во светот 11-та година по ред.
Извештајот го оценува нивото на слобода на интернет во различни земји, особено земајќи ги предвид ограничувањата за пристап или обидите за манипулација со интернет-дебатите.
„Оваа година корисниците на интернет се соочија со физички напади како одмазда за своите онлајн-активности во 41 земја“,
се вели во извештајот.
Вкупно 20 земји им го блокирале пристапот на своите граѓани до интернет за една година.
Во текот на набљудуваниот период, негативен развој на ситуацијата има во Мјанмар и Белорусија, каде што се користи и методот на прекини на електричната енергија со цел да се блокира интернетот.
Интернет-правата најмалку се прекршуваат во Исланд, кој е пред Естонија и Костарика.
Кина и натаму е на врвот на листата земји што манипулираат со интернет поради цензура, борба против анонимноста преку интернет и затворање дисиденти што се активни на интернет.