Светскиот познатиот лингвист и македонист од САД, Виктор Фридман, во интервју за „360 Степени“ зборува за Договор од Преспа и дали тој го загрозува македонскиот јазик.
– Децата се уште учат македонски јазик. Дојдете во моето маало во Карпош, па слушнете ги децата. На кој јазик зборуваат родителите со децата? На македонски. И тоа не само во Карпош. Кога децата растат со јазикот, тој не е загрозен – рече Фридман.
Тој кажа дека Договорот од Преспа не го доведува македонскиот јазик во прашањето цитирајќи го делот од договорот од Преспа во којшто пишува „Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде 'македонски јазик', како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г“.
– Јас сум ги прочитал документите од 1977. Македонски јазик се споменува како „Macedonian language“ и тоа со неговото кирилско писмо. Грција исто така е потписник на тој документ, значи дури и тогаш Грција де факто и де јуре го има признато македонскиот јазик – рече Фридман.
Тој рече дека нема никаков проблем во категоризацијата на македонскиот јазик како дел од групата на јужнословенски јазици.
– Тоа е наука. Има западнословенски јазици, источнисловенски јазици и јужнословенски јазици. Западните се полски, чешки, лужички, словачки, источните се руски, украински, белоруски, јужните се словенечки, српски, хрватски, црногорски, босански, македонски и бугарски. Тоа е лингвистика, тоа е наука – категоричен е Фридман.
Со оглед на тоа што има македонско државјанство и право на глас, Фридман рече дека ќе излезе и ќе гласа „За“ на референдумот.
Тој вели дека меѓу лингвистите нема колеги кои мислат различно од него во однос на македонскиот јазик и неговото дефинирање според Договорот од Преспа.
Напишете коментар