Деветнаесетгодишна Французинка доби 1,5 година условен затвор затоа што на свои роднини и пријатели им издавала лажни ковид-пропусници. Таа го правела тоа затоа што, како што вели, сакала да оди на кино и во ресторан со некои од нив
Млада Французинка (19), која била вработена во најголемиот центар за вакцинација во Бордо, вчера е осудена на 18 месеци условен затвор, бидејќи фалсификувала дваесетина ковид-пропусници за свои роднини и пријатели, пренесува Хина.
Кривичниот суд во Бордо, исто така, ѝ изрече петгодишна забрана да работи во јавниот сектор.
Таа е уапсена во понеделникот откако против неа била поведена истрага. Девојката работела во центарот за вакцинација од 1 септември и признала дека учествувала во фалсификувањето на 24 ковид-пропусници за 16 лица. Обвинителката рече дека не верува дека таа го направила тоа за финансиски надомест.
Според податоците од мобилниот телефон на Семи Г., полицајците откриле повеќе ковид-пропусници со многу недоследности.
Младата девојка објаснила дека сакала да им направи услуга на пријателите и роднините кои не сакаат да се вакцинираат и дека сакала да оди во кино или ресторан со некои од нив.