Сен Пол пред новинарите рекол дека наскоро се очекува да бидат презентирани новите предлози за методологијата за проширување, како и дека се надева дека таа ќе доведе до проширување додавајќи дека Албанија и Северна Македонија би можеле лесно да влезат во ЕУ
Ветото на Франција за почеток на преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија не значеше „не“, туку дека треба да се почека, изјави францускиот амбасадор во Австрија, Франсоа Сен Пол, додавајќи дека Париз не е сам во тој став.
Говорејќи пред новинарите во Здружението на новинари на Европа (АЕЈ) во Виена, Сен Пол објасни дека Франција го сторила тоа затоа што смета дека проширувањето во сегашната форма е стратегиска грешка.
„Потребно е прво да се промени методологијата на проширување за да се продолжи“, рече амбасадорот.
Европската комисија, посочи тој, веќе подготвува предлози што ќе бидат презентирани наскоро.
„Се надеваме дека ова ќе доведе до проширување“, рече Сен Пол додавајќи дека Албанија и Северна Македонија би можеле лесно да влезат во ЕУ.
Сен Пол, кој беше амбасадор во Хрватска пред неговото пристигнување во Виена, исто така кажа дека ЕУ не ги поддржува доволно земјите по пристапувањето во Унијата. Тој објасни дека пристапувањето се смета за крај на патот и нема дополнителна поддршка за реформите што не можат да се надминат само со фондот за кохезија.
При посетата на новиот еврокомесар за соседство и проширување Оливер Вархеји во земјава, беше посочено дека наскоро може да се очекува новата предлог-методологија. Политичките лидери, исто така, порачаа дека очекуваат наскоро да се донесе нова методологија
Претседателот Стево Пендаровски тогаш посочи дека се надева оти новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори со ЕУ ќе биде дефинирана до март.
Премиерот на техничката влада Оливер Спасовски тогаш изјави дека Вархеји најавил дека Европската комисија ќе излезе со нова предлог-методологија за пристапните преговори до крајот на месецов.