Во последните 24 часа во Франција се регистрирани нови 4 771 случаи на коронавирус, соопшти Генералниот директор за здравство.
Вчера беа пријавени 3 776 случаи, или за една недела вкупно 18 638 нови случаи на ковид. Стапката на позитивни лица на тестовите е 3,3 отсто.
Изминатите 24 часа, како последица на ковид-19 починале 12 лица, со што вкупниот број на смртни случаи е 30 480.
Вкупно 4 748 лица во моментов се водат хоспитализирани, од кои 28 нови пациенти на интензивна нега, со што бројот на пациенти во овие единици се зголеми на 380.
Според последниот извештај, 410 „кластери“ или извори на зараза се уште се активни на територијата на Франција, меѓу кои 35 се откриени во последните 24 часа. Жариштата на заразата најчесто се пошироките семејни средини или јавните собири, потоа здравствените установи и компаниите.
Со приближување на крајот на летната сезона, Генералниот директорат за здравство советува сите да се тестираат при враќањето од одмор.