За да се оди во кино, во музеј или во спортски установи, Французите сега мора да имаат доказ за вакцинација или тест против Ковид-19, таканаречениот здравствен пасош кој стана задолжителен за овие места.
Здравствениот пасош предизвика загриженост кај директорите на кино салите кои стравуваат да не ги изгубат гледачите по особено тешката година. За Ричард Патри, претседател на Националната федерација на француски кина, кино салите „се третираат како лоши ученици“, иако досега немало наведен извор на контаминација, односно жариште на епидемијата.
Министерот за здравство, Оливие Веран, рече дека гледачите или посетителите, откако ќе бидат проверени дека се целосно вакцинирани или имаат неодамнешен тест кој е негативен, тогаш ќе можат да ја тргнат маската. Веран истакна дека „вирусот се шири со молскавична брзина“, поттикнат од брзото ширење на делта – сојот.
Француската Влада вчера го претстави нацрт-законот, со кој вакцинацијата станува задолжителна за негувателите и медицинскиот персонал и со кој се проширува употребата на здравствениот пасош.
За 24 часа се евидентирани 18.000 нови случаи, што претставува зголемување на циркулацијата на вирусот од околу 150 отсто во текот на една недела.
Во исто време, законот за задолжителна вакцинација за негувателите и медицинскиот персонал и за проширување на потребата од здравствен пасош за влез во рестораните и во возовите на почетокот на август, е веќе пред француските пратеници. Националното собрание треба набрзо да гласа за овој закон и покрај предвидените 600 амандмани.