Продавниците и другите трговски и угостителски објекти во Франција повеќе нема да смеат да оставаат ширум отворени врати, ако објектот е климатизиран. Овие правила, кои веќе се на сила во помали места, наскоро ќе важат за цела држава, изјави министерката за еколошка транзиција, Агнес Пание – Рунахер. Казната за дуќаните кои нема да ги следат правилата ќе изнесуваат 750 евра.

Покрај забраната поврзана со клима-уредите, ќе се воведе и забрана за светлечките реклами.
„Првата (забрана н.з.) ќе ја прошири забраната за светлечки реклами, независно од големината на градот, меѓу 01:00 и 06:00 часот. Втората (забрана н.з.) ќе им забрани на продавниците да ги оставаат вратите отворени додека работи клима-уред или греење“,
ја пренесува Би-би-си изјавата на француската министерка.
Забранта за светлечки реклами веќе е на сила во сите места каде населението е под 800,000 жители. Исклучок се аеродромите и станиците.
Овие мерки во голема мера се должат на потребата од штедење на енергија дури и во богатите европски земји, не само затоа што таа е се поскапа, туку и затоа што ја нема. Во последните неколку денови Франција, а и речиси цела Северозападна Европа, се зафатени со екстремно жешко време, што пак ја зголемува потребата од електрична енергија за клима уредите.