Аналитичарите стравуваат од воздржани, сметајќи дека разликата меѓу кандидатите ќе биде помала доколку апстиненцијата е поголема. Претседателските избори се одржуваат во светло на војната во Украина и француското шестмесечно претседавање со Советот на Европската унија
Кандидатите во вториот круг од претседателските избори во Франција, центристот Емануел Макрон и лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, денеска го имаат последниот ден од кампањата пред вториот круг од претседателските избори, додека гласачите имаат задача да изберат меѓу две сосема различни визии за светот и иднината на земјата.
Според последните анкети, Макрон, кој би освоил 54 до 56,5 отсто од гласовите, е на пат да добие втор мандат и да остане во Елисејската палата уште пет години.
Неговиот реизбор би бил големо олеснување во Франција, но и за светот, каде се стравува дека екстремната десница ќе го преземе раководството во светска сила како Франција, која е членка на Советот за безбедност на ОН и држава со нуклеарно оружје.
Лидерите на Германија, Шпанија и Португалија неодамна повикаа на избор на „демократски кандидат“ во Франција. Многу функционери ширум светот не би сакале да бидат сведоци на популистичките пресврти како Брегзит или изборот на Доналд Трамп во САД.
Во првиот круг од претседателските избори, одржан на 10 април, повеќе од 30 отсто гласаа за екстремната десница, 23,25 отсто за Ле Пен и 7,07 отсто за вториот претставник на екстремната десница Ерик Земур.
По пет години на чело на земјата, Макрон предизвика незадоволство кај Французите поради различни кризи, од граѓанското движење „Жолти елеци“ до епидемијата на коронавирус и војната во Украина.
Според истражувањето на Центарот за политички истражувања на престижното училиште Сиан По во Париз, 38 отсто од гласачите на Марин Ле Пен изјавиле дека ќе гласаат за неа само за да го блокираат понатамошниот пат на Макрон.
Аналитичарите стравуваат од воздржани, сметајќи дека разликата меѓу кандидатите ќе биде помала доколку апстиненцијата е поголема. Претседателските избори се одржуваат во светло на војната во Украина и француското шестмесечно претседавање со Советот на Европската Унија.