Грчката противпожарна служба соопштила дека областа Магнисија, односно поширокиот регион на Волос од пладневните часови вчера до денеска наутро примиле 1 200 повици, а 257 лица биле евакуирани на безбедни локации. Според локалното население, новото невреме било посилно и покатастрофално во споредба со претходното Даниел, што ја зафати Грција на почетокот од месецов
По втор пат во период од само неколку седмици грчкиот град Волос и околните села се повторно поплавени од невремето Елиас, кое ги зафати и областа Тесалија и северниот дел на Евија, каде, како што јавува дописничката на МИА од Атина, исто така има проблеми.
Улиците на градот се под вода како поради обилниот дожд, така и поради излевање на реката Кравсидонас. Жителите на градот, според извештаите, поминале тешка ноќ, бидејќи повеќе делови од градот се без струја и вода, а од вчера во градот има забрана за движење, откако од унифицираниот европски број за итни случаи – 112 била испратена порака до жителите.
Грчката противпожарна служба соопштила дека областа Магнисија, односно поширокиот регион на Волос од пладневните часови вчера до денеска наутро примиле 1 200 повици, а 257 лица биле евакуирани на безбедни локации.
Според локалното население, како што пренесува МИА од Атина, новото невреме било посилно и покатастрофално во споредба со претходното Даниел, што ја зафати Грција на почетокот од месецов.
На видеата објавени на социјалните мрежи можат да се видат апокалиптични сцени од невремето, проследно со силен дожд, ветер и интензивни електрични празнења. На снимките, објавени од граѓани, се гледаат поплавени улици и целосно блокиран сообраќај со заглавени автомобили на раскрсниците.
#UPDATE
— ANSHULGAUTAM (@ANSHUL__GAUTAM) September 28, 2023
Significant flooding in Volos, Greece this evening…..👀🌊#ClimateActionNow#StormDaniel #πηλιο #βολος #κακοκαιρία #Μαγνησια #Volos #greeceflooding #κυβερνηση_Μητσοτακη #βολος #Greeceflooding #Greece #Thessaly #Agios #Nikolaos #σκιαθος #Πήλιο #Μιλένα #Αθήνα pic.twitter.com/wHljUVbntr
Градоначалникот на Волос, Ахилеас Беос, говорејќи за грчката телевизија ЕРТ утрово рече дека домови и трговски објекти се повторно поплавени, загрозени биле и човечки животи, 80 отсто од градот е без струја, а проблеми има и со водата.
Невремето Елиас предизвика поплави и во Тесалија, каде што вчера беа евакуирани десетици села, додека, пак, во северниот дел на островот Евија постои целосна забрана за движење во четири населени места.
Грчката влада планира реформи на системот за цивилна заштита
Грчката влада, како што пишува „Катимерини“ утрово, планира да ги реформира застарените протоколи за одговор при итни случаи по големите штети кои настанаа од поплавите во регионот на Тесалија, по бурата Елиас, која вчера зафати многу региони, но најсилно ја погоди централна Грција.
На состанокот на владиниот кабинет, одржан вчера, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочил дека зачестеноста на непогодите поради климатската криза – невообичаени временски феномени или шумски пожари, го прави императив вградувањето на цивилната заштита во сите владини политики.
Реформираниот механизам за управување со вонредни состојби ќе вклучува дејствија што треба да се одвиваат автоматски, без ад хок консултации во последен момент, пишува порталот.
Слаба точка во одговорот на властите во вакви случаи, се наведува, е недостатокот на координација, па дури и ривалство меѓу различни министерства и агенции. Планот што се разгледува, во случај на екстремни временски настани, би ги вклучил министерствата за внатрешни работи, здравство, транспорт и инфраструктура и одбрана, како и Министерството за цивилна заштита и за климатски кризи, кои ќе треба да се координираат, а секое ќе има дел во одговорот. Ќе бидат вклучени и локалните и регионалните власти.
Според информации на „Катимерини“, Министерството за цивилна заштита на Грција подготвува прирачник во кој детално ќе бидат опишани мерките што треба да се преземат за секој вид екстремен настан. Во рамките на реформите, во план е и подготовка на нацрт-закон пред почетокот на зимата.