Јавното обвинителство и за него бара определување мерка краткотраен притвор од 48 часа до носење наредба за спроведување истражна постапка, по што, за оние што ќе биде оценето дека е потребно, ќе се бара мерка 30-дневен притвор
Ексминистерот за економија Крешник Бектеши пред малку беше изнесен од полициската станица „Карпош“ и внесен во полициско комбе.
Според извор од предистрагата, пред истекот на 24 часа од моментот кога беше спроведен на распит во полициска станица, Бектеши ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Кочани, надлежен во случајот во кој животот го загубија 59 луѓе.
Јавното обвинителство и за него бара определување мерка краткотраен притвор од 48 часа до носење наредба за спроведување истражна постапка, по што, за оние што ќе биде оценето дека е потребно, ќе се бара мерка 30-дневен притвор.

Бектеши е приведен во врска со нелегалната лиценца за кабаре што ја имала фирмата „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани за клубот „Пулс“. Премиерот и министерот за внатрешни работи тврдат дека документот е стекнат со подмитување на одговорни лица во Министерството за економија, поради што меѓу осомничените е и државната секретарка од тој период Размена Чекиќ-Дуровиќ.
На фалсификуваната лиценца стои 13 март 2024 г. како датум на издавање, момент кога со министерството раководат Бектеши и Чекиќ-Дуровиќ.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска информира дека до овој момент се работи на итно процесуирање на 14 лица, обезбедени од почетокот на постапувањето на обвинителскиот тим во врска со настанот. Ова значи дека освен за претходните осум, краткотраен притвор се бара за уште шест лица.
Потпретседателот на опозициската ДУИ, Арбр Адеми, на прес-конференција ги нарече целосна конструкција тврдењата дека некој од Министерството за економија издал лажна лиценца за дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Ако некој, поточно државниот секретар, земал пари да издаде лиценца, истата ќе ја издал и ќе била евидентирана во Министерството, но и во регистарот на лиценци кој постојано месечно се апдејтира со најнови податоци, а таква лиценца не е евидентирана бидејќи не е издадена. Ако некој фалсификувал документ надвор од институцијата, одговорноста е на поединецот или групата кои го сториле истото и одговорност мора да има“, рече Адеми.