Со пароли во рацете, сите граѓани што беа на протестните собири испратија порака до институциите дека државата треба да функционира

Мирни протести со молк и палење свеќи за загинатите во пожарот во Кочани вечерва се одржаа во повеќе градови во земјава.
На Градскиот плоштад во Струмица вечерва се собраа голем број граѓани кои се потпишаа во книгата на жалост и им оддадоа почит на загинатите во пожарот во Кочани, но и на 24-годишниот струмичанец Горги Горгиев, тапанар на групата ДНК, која трагичната вечер имаше концерт во објектот „Пулс“.
Со пароли во рацете присутните испратија порака до институциите дека државата треба да функционира, а системот да биде без корупција.
Освен во Струмица, мирни протестни собири со молк и палење свеќи се одржаа во Валандово и во Гевгелија.
Неколку стотини млади луѓе, средношколци и граѓани вечерва се собраа и во Крива Паланка. Тргнувајќи од градскиот парк, низ главната улица во градот, сѐ до зградата на општината на плоштадот „Карпошово востание“, каде што од вчера со палење свеќи на иницијатива на Советот на младите се оддава почит на жртвите од трагедијата во Кочани.
Собирот се организира на иницијатива на групата млади луѓе, средношколци од градот, кои вчера попладне во знак на сочувство со семејствата на загинатите и нивните најблиски, формираа група на социјалните мрежи „Вчера тие – утре ние“, која, како што велат, наиде на поддршка од страна на голем број нивни врсници, но и од други граѓани.

Пред општината со шеснаесетминутен молк симболично, во знак на кобниот датум на пожарот, присутните на собирот им оддадоа почит на жртвите од трагедијата, по што запалија свеќи и се помолија за повредените, сместени на скопските клиники и во здравствените установи ширум Европа, со молитва за нивно побрзо закрепнување.
Младите иницијатори потенцираа дека само гласно го искажуваат револтот против несовесните и стравот од неизвесноста за својата иднина.
Велат дека им е страв затоа што и тие одат во разни локали, за кои, како што рекоа, не знаат дали се целосно безбедни и сигурни.
И битолчани вечерва со свеќа и цвеќе им оддадоа почит на загинатите лица во Кочани и изразија протест против институциите што не успеаја да ја спречат трагедијата.

Поворката почна од плоштадот „Магнолија“, по „Широк сокак“, до битолскиот Офицерски дом, каде кон небото беа пуштени црни балони.
„Македонија тагува, трагедија која нема да се заборави, но не смееме да дозволиме да се повтори. Деца умираат, луѓе страдаат и бараат лек, а болниците не се подготвени за вакви масовни несреќи. Здравството е ужасно, а возилата за итна медицинска помош се бројат на прсти. Институциите дозволија живи да горат деца, да гори младината, иднината на државата. Сите си заминуваат, а ние што останавме тука умираме еден по еден бидејќи државата нѐ заборави. Ние ќе се бориме за правда“,
изјави Леонардо Соколов, член на организацискиот тим на собирот во Битола.
Кумановци, пред сè млади, се собраа вечерва на градскиот плоштад да им оддадат почит на загинатите во пожарот во Кочани. Граѓаните запалија свеќи пред фотографиите на починатите.

Дел од младите носеа транспаренти со кои ја искажаа својата тага, но и побараа и одговорност од надлежните институции за овој трагичен настан.
Во тишина, со транспарентот „Доста е“, на кој беа испишани имињата на петтемина штипјани загинати во дискотеката во Кочани, како и датумите на сите големи несреќи во земјава, вечерва се одржа собир во Штип.

Штипјани со длабока тага во потполна тишина им оддадоа почит на загинатите.
Роднини, другари, другарки, граѓани се собраа на Градскиот плоштад „Слобода“, а потоа во поворка одеа низ улиците на Штип, поминувајќи покрај соборниот храм „Свети Никола“, каде што биеше и камбаната, по што по улицата покрај кејот на реката Брегалница поворно се вратија на Градскиот плоштад „Слобода“.
Вечерва и центарот на Крушево беше исполнет со тишина од стотината жители кои се собраа да оддадат почит за 59 лица кои загинаа во пожарот во Кочани.
Молитва за здравје на повредените и мир и покој на загинатите, во присуство на свештеници од брегалничката епархија, се одржа на вечерашниот собир во Кочани.
Стотици кочанчани се собраа на плоштадот кај паркот во центарот на градот за да им изразат почит на своите настрадани сограѓани во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“, но и да упатат порака до надлежните дека бараат правда.
Во знак на сеќавање и оддавање почит на трагично загинатите 59 лица во пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“ вечерва собир имаше и на плоштадот „Македонија“ во Скопје.