Според евиденцијата на хрватските власти, во изминатото деноноќие во Хрватска се евидентирани 122 интервенции на пожари во кои учествувале 244 противпожарни организации со 755 пожарникари, 257 противпожарни возила и десет противпожарни авиони

Зад пожарникарите во Далмација е уште една непроспиена ноќ. Големиот пожар што го загрозуваше гратчето Подгора нешто пред полноќ е ставен под контрола, а во текот на ноќта просторот зафатен од огнот е обезбеден и спречено е ново разгорување, објави „дневник.хр“.
Сепак, Славко Туцаковиќ, главен началник на противпожарната заштита, денеска ја известил хрватската влада дека состојбата од утрото е поволна.
„Утрово состојбата е поволна, нема отворен пламен, но пожарот во внатрешноста на Скрадин опустоши 1 300 хектари шума и ниска вегетација“,
вели Туцаковиќ.
И покрај тоа, пожарот во околината на гратчето Скрадин се смета за активен, каде што гори веќе трет ден. Таму денеска дејствува противпожарен авион Канадер, соопшти Хрватскиот противпожарен сојуз. Пожарот зафатил ниска вегетација и борова шума на повеќе од илјада хектари.

Рано утрото е локализиран пожарот во месноста Радашиновци во Задарската Жупанија, во кој изгореа 240 хектари трева, ниска вегетација и борова шума.
„Во текот на денот го запревме ширењето на пожарот кон населеното место Радашиновци, северната страна остана активна на тешко пристапен терен, а од утрово таму оперира ‘ертрактор’“,
изјави командирот на противпожарна единица во Задарската Жупанија, Матеј Рудиќ.
Според евиденцијата на Државниот противпожарен оперативен центар на Хрватскиот противпожарен сојуз, во изминатото деноноќие во Хрватска се евидентирани 122 интервенции на пожари во кои учествувале 244 противпожарни организации со 755 пожарникари, 257 противпожарни возила и десет противпожарни авиони.

Откако пожарникарите го запреа огнот околу два часот по полноќ, пожарот кај Подгора стивна, а кај населеното место Тучеп сè уште има неколку жаришта, објасни Стјепко Мрсиќ, командир на Подгорското доброволно противпожарно друштво.
„Тоа е огромна област, навистина ни требаат канадери. Имаше повеќе од 200 наши, плус гости. Со натчовечки напори, ниту една зграда не изгоре во нашата област“,
рече тој.
На социјалните мрежи е објавено видео на кое пожарникарите се молат „Боже, помогни“ и со возило минуваат низ пламените јазици, а во исписите стои дека видеото е снимено токму кај населбата Тучеп.
Градоначалничката на Подгора, Петра Радиќ, изјави дека околу двесте пожарникари сè уште се на терен.
„Има огромни количества чад, ги предупредивме луѓето да ги затворат прозорците, да ги вклучат клима-уредите и да користат маски. Очекуваме чадот да се расчисти. Воздушната поддршка ќе го опфати делот кон паркот на природата Биоково. Повеќето луѓе се вратија во своите домови, струјата пристигнала синоќа околу два часот“,
изјави таа за Н1.
Инаку, паркот на природата Биоково е наречен според истоимената втора планина според големина во Република Хрватска. Планината се наоѓа на брегот на Јадранското Море во Сплитско-далматинската Жупанија, над Макарска. Се простира од влевањето на реката Цетина до реката Неретва.