Во бараките имало населено бездомници, но првичните информации се дека нема повредени. Надлежните сега испитуваат чие е земјиштето, самите бараки што се изгорени и дали бараките и земјиштето под нив се на ист сопственик. Градоначалникот на Центар вели дека не гледа причина зошто некој намерно би го подметнал пожарот за да гради кога за тоа место според актуелниот ДУП има маркици за градба
Околу 300 квадратни метри зафати денешниот пожар што избувна кај старите бараки кои се наоѓаат во центарот на Скопје, спроти зградата на Управата за јавни приходи (УЈП), односно кај семафорите на раскрсницата кај Тутунскиот комбинат.
Станува збор за напуштен објект, во кој надлежните имаат информации дека имало бездомници, односно диво населено семејство, но, првичните информации се дека за време на пожарот немало никој внатре и нема повредени лица.
„Пред неколку месеци до инспекциските служби во Општината е пристигнато известување дека има диво населено семејство во тие бараки. Од страна на општинските служби се преземени одредени чекори за семејството да биде отстрането од диво населените простории. Имаме информации дека тоа неколку месеци било диво вселено во тие простории. Важно е дека првичните информации беа дека имало деца внатре, последната информација што ја имаме од МВР и од командирот на полициската станица Беко е дека во просториите немало никој“,
изјави градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
И од противпожарната служба рекоа дека го пребарале објектот, но немало лица внатре.
„Станува збор за дел од напуштен објект, дел порано биле работни простории. Она што ни беше кажано дека тука престојувале бездомни лица и објектот беше пребаран. Од она што можеме првично да најдеме, немаше лица внатре, нема повредени“,
рече командирот на скопските пожарникари Ѕвонко Томевски.
Тој рече дека изгорената барака е залепена до друг објект, но за среќа интервенирано е бргу и не се дозволило пожарот да се прошири.
„Затекнат е пожар во разгорена фаза, брзо е интервенирано, направено е секторирање на објектот – пресечено е ширењето на пожарот кон соседниот објект. Останатиот дел е изгаснат брзо и ефикасно. Интервенирано е со шест противпожарни возила и 20 пожарникари. Она што може да се каже е дека благодарение на брзата интервенција на колегите спречено е да се прошири и да се предизвика дополнителна материјална штета“,
рече командирот.
„Зошто некој би палел за да гради?!“
Надлежните сега испитуваат чие е земјиштето, самите бараки што се изгорени и дали бараките и земјиштето под нив се на ист сопственик.
На соседната парцела до онаа каде што гореше барака веќе се гради нов објект, а според важечкиот ДУП има маркици за градба и на другите, иако сè уште не е побарана дозвола. Затоа, вели градоначалникот Герасимовски, не гледа причина пожарот некој намерно да го предизвикал за да може да гради. Првичните сознанија, според неговата изјава, се дека и овој, како и пожарите кај „Треска“ и судските бараки кај Градскиот парк биле предизвикани од диво населени лица што се населиле таму.
„Ова е трет пожар откако сум јас градоначалник на Општината. Едниот беше во Градскиот парк каде што се запалија бараките на судот, потоа беше пожарот во ‘Треска’ и ова сега е третиот. Како што ми се информациите, причината е една, а тоа се диво вселени граѓани кои се причинители за самиот пожар. Има сопственик и на бараките и на земјиштето. Има ДУП кој е во важност, и не би гледал кои би биле причините некој сам да си го пали земјиштето за да гради кога може да го сруши и да гради“,
рече Герасимовски.