Основните и средните училишта, факултетите и градинките на целата територија на државава утрово се испразнети со одлука на Владата како превентива од ширење на коронавирусот.
Мерката важи 14 дена, односно наставата ќе биде прекината до 24 март.
Министерството за образование ги известило училиштата дека во наредниот период ќе добијат насоки за натамошна реализација на воспитно-образовниот процес.
„Министерството за образование и наука повторно апелира континуирано да се следат насоките и препораките од Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Владата на Република на Северна Македонија“, се вели во соопштението на МОН.
Прекинат е воспитно-образовниот процес и наставата во сите детски градинки, центри за ран детски развој и дневни центри, а вработените лица во овие институции се ослободени од работа во овој период. Министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека по еден родител на дете до десетгодишна возраст може да се ослободи од работа 14 дена. Отсуството од работа ќе биде платено, а родителот кој нема да оди на работа треба да обезбеди потврда од училиштето или градинката на детето.
Филипче апелираше да се почитува мирувањето и седењето дома, односно да не се случи масовна посета на игротеки, зашто така мерката не би имала смисла.
Во моментов, шест пациенти со коронавирус се лекуваат на Инфективната клиника во Скопје. Сите се во стабилна состојба. Пациентката која беше прв случај на заразен со вирусот во земјава повеќе не е инфективна, но лекувањето не е завршено. Повтореното тестирање покажало дека таа веќе е негативна на коронавирусот.
*поврзана вест: Затворска казна до една година за оние што нема да ги почитуваат препораките