На 19 септември ковчегот од Вестминстерската палата ќе биде пренесен во Вестминстерската опатија, каде што ќе се одржи државната погребна служба
Ковчегот на кралицата Елизабета Втора денеска е изложен во катедралата во Единбург. Од палатата Холирудхаус ја предводеше британскиот крал Чарлс Трети, а со него беа и неговата сестра Ана и браќата Ендрју и Едвард, како и сопругот на принцезата Ана, вицеадмиралот Сер Тим Лоренс.
Во автомобилот зад нив беа кралицата сопруга Камила, и Софи, грофицата од Весекс, сопругата на принцот Едвард.
Неколку илјади луѓе и оддадоа последна почит на својата кралица по патот од палатата до катедралата.
Ковчегот со телото е положен во катедралата Сент Џајлс во Единбург.
На ковчегот беше поставена круната која ќе остане таму додека илјадници Шкоти ќе и оддаваат почит на починатата кралица.
Се очекува големи голем број луѓе да ја посетат катедралата, каде на ожалостените ќе им биде дозволено да поминат покрај ковчегот на кралицата до утре попладне.
На црковната служба за благодарност на кралицата во катедралата во Единбург присуствува и британската премиерка Лиз Трас, првата министерка на Шкотска Никола Старџен, како и претставници на советот, членови на вооружените сили, воени ветерани, судски и конзуларни функционери.
Има и претставници од различни шкотски добротворни организации на кои кралицата исто така беше покровител – како што се Chest Heart & Stroke Scotland, Royal National Mòd, Кралскиот шкотски национален оркестар и Шкотската фудбалска асоцијација.
Како што јави Би-би-си, меѓу присутните има луѓе од уметноста, спортот, службите за итни случаи и верски групи.
Патувањето од Балморал каде што почина започна вчера беше само првото од низата која следи до државниот погреб која кралицата ќе го има во Вестминстер, Лондон на 19 септември.
Ковчегот потоа ќе биде преместен од Единбург во Бакингемската палата во Лондон.
Во среда, ковчегот повторно ќе биде преместен, од Бакингемската палата во Вестминстерската палата, каде ќе стои до денот на погребот, на 19 септември.
На 19 септември ковчегот од Вестминстерската палата ќе биде пренесен во Вестминстерската опатија, каде што ќе се одржи државната погребна служба.
Британскиот крал Чарлс Трети го прогласи денот кога неговата мајка Елизабета ќе биде погребана за државен празник.