Пожарот што утрово ја зафати поранешната зграда на Комерцијална банка, во која сега се сместени повеќе државни институции, ја пеплоса целата документација на Државниот инспекторат за животна средина.
Огнените јазици целосно го зафатија првиот кат, а од вториот кат го оштетија само надворешниот дел.
Како што рече командирот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, операцијата за гаснење на пожарот била тешка.
Тие интервенирале со девет возила и со 24 пожарникари. Првично имале тешкотии да влезат во зградата, така што влегле од надворешната страна со кршење на прозорците. Тој нагласи дека во зградата не работи ниту хидрантската мрежа.
Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Фејзула Спахија вели дека во пожарот се уништени документи и инвентар, меѓу кој и компјутерите.
„Ни се отвори голем проблем, изгоре целата документација. Последните предмети се кај инспекторите, но и таму пожарникарите интервенирале со вода. Не знаеме што е зачувано од компјутерите, а што не. Ова ќе биде огромна штета за нас. Само мојата канцеларија не е уништена. Ќе побарам средба со министерот за животна средина за да ни најдат простории каде би можеле да се сместиме. Целокупната штета допрва ќе ја проценуваме“,
вели Спахија за „360 степени“.
*Поврзани вести: