На споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес од 1963 година свежо цвеќе положија владината делегација предводена од вицепремиерот Бојан Маричиќ. Почит оддадоа и претставник од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски како и делегации од Собранието на Република Северна Македонија, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија
Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во придружба на министерот за правда Никола Тупанчевски и заменик-министерот за правда Агим Нухиу, по повод 59-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година, положија свежо цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот.

„Денот на сеќавањето на скопскиот земјотрес е и ден кога им изразуваме благодарност на сите кои со љубов и солидарност учествуваа во споделувањето на болката со преживеаните и што учествуваа во обновата на градот. Скопје стана град на солидарноста, место на кое се обединија пораките и молитвите за поддршка и за споделување на болката, за загубата“,
стои во владиното соопштение.
Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и делегации од Собранието на Република Северна Македонија, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.


На споменикот на жртвите од земјотресот на Градските гробишта во Бутел свежо цвеќе положи и претставник на Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски, пак, утринава се огласи на Фејсбук порачувајќи дека трагедијата која денеска бележи 59 години е потсетник оти најважна е нашата безбедност, а дека само заеднички можеме да ја надминеме секоја природна и човечка катастрофа.
Со порака на Фејсбук претходно денеска се огласи и премиерот Димитар Ковачевски кој порача дека од рушевините од земјотресот во 1963 година се роди едно ново Скопје кое стана синоним на солидарноста, етничката и архитектонската шареноликост и на еден модерен космополитски дух.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути изутрина кога земјотрес со јачина од шест степени според Рихтеровата скала со епицентар на плоштадот „Македонија“ го погоди главниот град. Во земјотресот беа урнати 15 800 стана, а оштетени 28 000 стана. Поради земјотресот, над 200 000 луѓе остана без покрив над глава, 1 070 лица го загубија животот под урнатините, а 3 000 беа повредени.