По водството на Италија „црвено-жолтите“ тргнаа во целосна офанзива. Откако обидот на Елиф Елмас од седумнаесетина метри заврши крај стативата во 68. минута, израмнувањето го донесе капитенот на македонскиот тим Енис Барди, кој со прекрасен гол од слободен удар во 81. минута предизвика делириум на требините
Македонската фудбалска репрезентација вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, не и дозволи на Италија да се „одмазди“ за поразот од пред една и пол година во Палермо во Плејофот за Светското првенство. Тогаш нашите фудбалери, беа главните виновници што четирикратниот светски и актуелен европски првак не играше на Светското првенство лани во Катар.
Сега македонските фудбалери успеаја да извлечат голем бод, играјќи нерешено 1-1 (0-0 на полувреме), против Италија пред 28 000 гледачи на Националната арена, а во рамките на групата Ц од квалификациите за пласман на ЕУРО 2024.
Македонските репрезентативци натппреварот го почнаа резевирано, чекајќи шанса од контранапади. Првата дојде во 19. минута кога ударот со глава на Бојан Миовски заврши на неколку сантиметри крај стативата.
Актуелниот европски првак предводен од новиот селектор Лучијано Спалети го контролираше поседот на топката во првото полувреме и создаде неколку шанси за водство, од кои најидеалната ја имаше Сандро Тонали две минути по обидот на Миовски, но неговиот удар заврши во стативата.
На пет минути до крајот на првиот дел Италијанците имаа стоотстотна шанса преку Политано, но на место беше Муслиу кој спаси чист погодок.
Почетокот на второто полувреме донесе водство на Италија. Во 47 минута акцијата во која Николо Барела ја погоди пречката со гол ја заврши капитенот на „Аѕурите“, Чиро Имобиле.
По водството на Италија „црвено-жолтите“ тргнаа во целосна офанзива. Откако обидот на Елиф Елмас од седумнаесетина метри заврши крај стативата во 68. минута, израмнувањето го донесе капитенот на македонскиот тим Енис Барди, кој со прекрасен гол од слободен удар во 81. Минута предизвика делириум на требините.
До крајот на натпреварот македонската одбрана одолеа на италијанските напади за четврти бод во петтиот натпревар во евроквалификациите.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе ги продолжат евроквалификациите со гостување во Малта во вторник.







Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI и „360 степени“