Дваесетина крстосници се целосно искчучени или на трепкаво светло и во координација со полиција се регулира сообраќајот
Екипите на ЈП „Улици и патишта“ Скопје интервенираат на улиците кои се поплавени од денешните обилни врнежи од дожд.
Денеска дваесетина крстосници се целосно искчучени или на трепкаво светло и во координација со полиција се регулира сообраќајот.





„Со ангажираност на сите работници и механизација се вршат активности на улиците во сите општини, се исправуваат латерни на семафорите, се санираат дефектите на сите семафори, се санираат оштетените заштитни столбови и екипи во координација со Градот и другите јавни претпријатија вршат активности за отстранување на паднати дрвја, како и за расчистување на шахтите и сливниците“,
се вели во соопштението вечерва од „Улици и патишта“.
Оттаму најавуваат дека екипите продолжуваат со потребните интервенции во текот на целата ноќ со цел да се санираат сите оштетувања на собраќајниците како последица од невремето.
Невремето проследено со пороен дожд, град, грмотевици и ветер што попладнево го зафати Скопје, предизвика поплави на голем дел од улиците, подвозници, куќи и дворови. Има и искршени гранки и дрва, но и урнати монтажни објекти.
По обилните врнежи од дожд и силниот ветар кои го зафатија Скопје околу 16.50 часот, на телефонските броеви 112 и 195 досега има околу 100-тина пријави за: паднати дрва, поплавени простории и коловози, одувани кровни конструкции, скинати проводници и други штети, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи.