Вработените во Зоолошката градина на овој начин им помагаат на животните полесно да ги поднесат високите температури кои деновиве надминаа 40 Целзиусови степени, поради што земјава влезе во портокалова фаза
Замрзнато овошје и лубеница – ова се продуктите кои деновиве се најдоа на менито на животните во скопската зоолошка градина, откако од минатата недела земјава е зафатена од топлотен бран.
Овошните „сладоледи“ од замрзнато овошје се главно наменети за лемурите, а со свежа, ладна лубеница се разладуваат мајмуните, слоновите и нилските коњи.
Морските лавови, пак, се разладуваат со замрзната риба.
Вработените во Зоолошката градина на овој начин им помагаат на животните полесно да ги поднесат високите температури кои деновиве надминаа 40 Целзиусови степени, поради што земјава влезе во портокалова фаза.
Освен со овошје и друга замрзната храна, дел од животните, како слониците Дуња и Даела, деновиве се освежуваат и со ладен туш.
Поради топлотниот бран и температури кои достигнаа над 40 степени, земјава од минатата недела влезе во портокалова фаза, по што Владата издаде препораки за раниливите категории граѓани и препорача да се избегнува престој на отворено од 11 до 17 часот.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозира дека топлото време ќе се задржи и во текот на следните денови, а на целата територија на државата в четврток и в петок ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.