Во јавниот сервис во моментов се снима предизборно соочување на сите седуммина кандидати за претседател на државата. Дебатата ќе се емитува вечерва од 20 часот на МРТ 1. Во рамките на овој текст, објавуваме и неколку фотографии од снимањето.
Како што објавивме вчера, сите претседателски кандидати ја прифатиле поканата за учество во дебатата: Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Арбен Таравари, Билјана Ванковска, Стевче Јакимовски и Максим Димитриевски.
Домаќин е Стојан Трпчевски, уредник на Информативната програма на МРТ 1.

„Привршуваат собирите и митинзите на кандидатите за шеф на државата. Тие си го кажаа своето пред нивното членство и пред активистите. Но, што имаат да си кажат еден со друг, дирекно, очи в очи. Македонската телевизија упати покана до сите седум претенденти за кабинетот во Вила ‘Водно’“,
се наведува во објавата на интернет-страницата на МРТ.
Последен кој јавно соопшти дека ја прифатил поканата за учество на дебата на јавниот сервис беше актуелниот претседател Стево Пендаровски. Како што соопштија од неговиот изборен штаб, тој потврдил дека ќе учествува во предизборното соочување откако сите други кандидати се изјасниле позитивно.

„Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио-телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата. Останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење“,
соопшти Пендаровски.

Ова е прво, а ќе остане и единствено соочување на сите седуммина кандидати во кампањата, со оглед на тоа што в понеделник на полноќ почнува предизборниот молк, а првиот круг од претседателските избори ќе се одржи в среда, на 24 април.
